Обвинителството во Белорусија бара екстрадиција на Тихановскаја

од Vladimir Zorba

Државното обвинителство на Белорусија испрати барање до Литванија за екстрадиција на поранешната претседателска кандидатка, Светлана Тихановскаја.

Според изјавата на Обвинителството, барањето за екстрадиција на Светлана Тихановскаја е испратено за да може да биде гонета за нарушување на правниот поредок и јавната безбедност.

Претходно, Истражниот комитет на Белорусија иницираше екстрадиција на Тихановскаја, која сè уште е во Литванија.

Во врска со ова, од Вилнус дојде одговорот дека барањето на Минск е одбиено.

„Литванија не екстрадира луѓе кои се мета на политички прогон. Минск тоа добро го знае“, објави прес-службата на литванското Министерство за надворешни работи.

Да потсетиме, масовните протести на опозицијата во Белорусија започнаа на 9 август, по претседателските избори. Според Централната изборна комисија, актуелниот претседател Александар Лукашенко победи на изборите со 80,1 процент од гласовите. Опозицијата не ги призна резултатите од изборите и верува дека победи Светлана Тихановскаја.

Покрената е кривична постапка против Тихановскаја и членовите на координативниот совет на опозицијата, кој е формиран по нејзина иницијатива, меѓу другото, на тема заговор за преземање на власта и повик за создавање екстремистички формации.

Слични содржини