Oд 29. ноември се укинуваат летовите на релација Сараево – Скопје

од Nikola Popovski
421 прегледи

Најголемата грчка авиокомпанија, „Aegean Airlines“ ќе ги укине летовите меѓу Скопје и Сараево нешто повеќе од една година откако почна да работи меѓу главните градови на Македонија и Босна и Херцеговина.

Можеби за постарата читателска публика е симболично – од 29 ноември се откажуваат летовите кои се реализираа пет пати неделно – датум што некогаш, за време на СФРЈ, во двата града се славеше како Ден на Републиката.

Авиокомпанијата првично планираше да ја одржува оваа линија три пати неделно во ноември и декември, и двапати неделно од јануари. Летовите тогаш беа закажани до 7 декември, со ограничени операции за време на празничниот период од крајот на декември до почетокот на јануари, но сега сите летови по крајот на ноември се отстранети, пишува „EX-YU Aviation“.

Во текот на ова лето, „Aegean Airlines“ вршеше летови меѓу двата главни града, првенствено со авионот ATR42 со 46 седишта, преку нејзината регионална подружница Olympic Air, иако првично беше планиран малку поголемиот турбопроп со 72 седишта ATR72.

Оваа линија ги поврза Скопје и Сараево со редовна авиокомпанија за прв пат по тринаесет години, кога сега веќе непостоечката „B&H Airlines“ одржуваше летови меѓу овие два града.

Авиокомпанијата не ја коментираше одлуката за стопирање на овие летови, а суспендирана е и продажбата на билети на оваа линија за летната сезона во 2025 година.

„Aegean Airlines“ минатата година аплицираше за македонската програма за субвенционирање за воведување нови линии од Скопје, но се повлече откако тендерот беше прогласен за неважечки и не учествуваше на последователниот јавен повик организиран од Владата.

Грчката национална авиокомпанија исто така планира да го намали бројот на летови меѓу Атина и Скопје. Од декември, авиопревозникот преку „Олимпик ерлајнс“ ќе оперира со три лета неделно меѓу двата града, во споредба со шест лета неделно минатата зима. Дополнително, ќе го намали и капацитетот на седиштата: од декември ќе сообраќа ATR42, наместо ATR72 што главно се користеше минатата зима.

Како што беше претходно наведено, „Aegean Airlines“ ќе ги прекине летовите меѓу Атина и Подгорица во поголемиот дел од зимската сезона, од 17 ноември до 18 декември и повторно од 5 јануари наваму.

Слични содржини