Од денеска по 3.000 денари за ранливите категории: „Помошта е минимална, но е корисна за луѓето“

од Mimi Spasovska

Во време кога луѓето се во сериозни финасиски проблеми и се наоѓаме среде енергетска криза, секоја мала помош за ранливите категории на граѓани ќе допринесе малку за нивниот домашниот буџет откако се е поскапено, но за да се реши вистински проблемот потребни се трајни решенија, велат во разговор за „Локално“ од невладините организации кои работата со лица за кои се наменети мерките.

Помош од Владата од по 3.000 денари месечно денеска треба да им пристигне на корисниците на правото на социјална сигурност на стари лица, корисниците на посебен додаток, на правото на надоместок заради попреченост, надоместокот за попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост, без потреба од контролен преглед и самохраните родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош.

Весна Шапкоски од „Станица Пет“ за „Локлано“ вели дека парите за овие граѓани се повеќе од потребни.

Весна Шапкоски

Весна Шапкоски

„Помош од по три илјади денари за период од четири месеци е минимална, но е корисна за луѓето. Со тие парите што ги дава Владата можат да им се ублажат финансиските проблеми кои се зголемуваат во зимските месеци, поради сметките за греење. Но што по февруари, пак ќе биде исто, а сите цени се зголемени?” вели Шапкоски.

Марина Билбиловска, претседател на здружението на родители на деца со церебрална парализа за „Локално“ вели дека идејата е добра, но оти реализацијата е лоша.  Има нејаснотии  меѓу луѓето за тоа кој се ќе добие пари а кој нема право на помош, посочува таа.

Марина Билбиловска

Марина Билбиловска

„Прво да ги добиеме парите па ќе коментираме. Нејаснотии, на пример, имаме во делот во кој се вели дека помошта е „за лица  кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост, без потреба од контролен преглед“. Што значи тоа?  Секое одење на лекар во комисијата која утврдува  попреченост чини  6.200 денари. Дали тоа значи дека тие се трајна попреченост ќе добијата пари а за тие за кои е потребен лекарски преглед нема  да добијат пари?  Додека не видиме на сметка, не може да знаеме”, вели Билбиловска.

Од Министерството за труд и социјална политика  за „Локално“ велат дека и кај нив се јавуваат граѓани на кои им е најасно дали им следува помош и  оти службите тоа им го појаснуваат.

Инаку ресорното Министерството  претходно ги извести граѓаните, дека согласно Законот за финансиска подршка на ранливи категории граѓани за справување со енергетската криза, списоците на корисници на финансиска поддршка се објавени на веб страната на Министерството.

Пред медиумите за досегашните антикризни мерки креирани од Владата започнувајќи од здравствената предизвикана од пандемијата со Ковид 19 и последователно економската и енергетската криза имаше излагања на прес-конференции и ресорната министерка.

Но Билбиловска смета дека Министерството треба да им помогне и преку подрачните служби на  овие луѓе  и  со  поиндивидуален  пристап зашто има случаи  каде  тие  се  соочуваат  со  бирокартски или друг тип на проблеми.

„Има  потреба  од  дообјаснувања од  социјалните служби,  недостасуваат  списоци во подрачните единици  на минситерството во општините за да може да се види  какви се документи се потребни за да се оствари  едно право или помош“,вели Билбиловска.

Таа  посочува дека има родители  кои имаат  деца со церебрална парализа кои се на возраст над 18 години и во изминатиот период  не можеле да добијат  помош зашто нивното  детете не било во можност да се потпише во банка.

„На  пример ќерката моја имаа 33 години и е со количка, но таа  може да се потпише во банка  за да може потоа јас како нејзин родител да ги подигнам парите.  Но има деца над 18 години кое  имаат церебрална парализа но и  аутизам  или други дополнителни  проблеми.Такви деца не знаат и не може да се потпишат. И родителот не може да ги подигне парите во име на своето дете, зашто од банката бараат документи за старателство , независно што тој му е родител,  значи треба да обезбеди други докумнти, а тоа е процедура, треба да оди по судови…итн”, вели Билбиловска.

Од Министерството за труд и социјална политика  пак во изминатиот период информираа  дека доколку, некои од граѓаните/корисници во категориите опфатени со овој закон, не се во списокот, а сметаат дека ги исполнуваат условите можат да поднесат приговор до Комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка која ја формира министерката  за труд и социјална политика, во рок од три дена од датумот на објавувањето на списоците на корисници на финансиската поддршка.

Комисијата, по поднесените приговори одлучува во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на приговорот.  Рокот за приговор е 3 дена, сметано од 06.12.2022 година, заклучно со 09.12.2022 година.

Осврнувајќи се пак на висината на помошта Весна Шапкоски од „Станица Пет“ напоменува  дека 3.000 денари е минимална помош за потрошувачката кошница на  луѓето кои  живеат  од  парите  од  државата и  доддава дека би било  подобро да се зголемат парите  што се даваат  за социјални  трансфери.

Од  искуството во работа со ранливи категории на граѓани, таа смета дека паричните трансфери наместо да се воведуваат еднократно или периодично, потребно е да растатат согласно растот на цените и трошоците за живот бидејќи  висините на трансферите не се променети  од 2019 година.

„Парите за социјална помош се движат  од 4 до 6 илјади денари,  во зависнсот од бројот на членови во семејството. Тоа се предвиде со Законот за Социјална помош во 2019 година. Но отогаш многу работи драстично се сменија. Сега со 5 илјади не може да се купи ни половина од она што со тие пари се купуваше порано. Цените на храната пораснаа,  се зголеми и минималната плата, а парите за социјална помош останаа исти. Помошта од три илјади денари што сега ја овозможува Владата е само за зимските месеци, треба да се размислува што понатаму со овие луѓе“, вели Шапкоски.

Дополнува дека потребно е усогласување и на критериумите за добивање надоместок за детска заштита (детски додаток) со Законот за минимална плата, како би можеле повеќебројните семејства кои имаат минимални примања да го остварат ова право (во моментов на голем број на семејства ова право им е прекинато бидејќи нивните минимални примања се над предвидената граница која е непроменета од 2019 неваму).

Инаку со  мерките за финансиска подрша од Владата се опфатени и пензинерите со ниски примања и невработените.

Исплатата на паричната помош за пензионерите со пензии пониски од 14.000 денари го врши Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, и првата исплата од четирите исплати е извршена со пензијата за  декември. Исто така, тука влегува и надоместокот за телесно оштетување кое го исплаќа Фондот.

Пензионерите кои земаат пензија не поголема од 11.525 денари месечно, месечно добија по 1.500 денари месечно, за период од четири месеци. Пензионерите со пензии од 11.526 денари и не поголема од 14.000 денари месечно, добиваат помош од 750 денари месечно, за период од четири месеци. Корисниците на надоместокот за телесно оштетување добиваат по 750 денари месечно, за период од четири месеци.

Во среда пак  ќе биде исплатена и паричната помош за невработени лица – корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок, од страна на Агенцијата за вработување-овие лица ќе добијат финансиската поддршка од 3.000 денари месечно, за период од четири месеци.

М.С.М.

 

 

Слични содржини