Од Груевски до Додик: Кои се Балканците на листата со санкции на САД и Британија?

од Nikola Popovski

Американското Министерство за финансии објави нова листа на санкции за корупција, а во неа има седум лица од Западен Балкан. На списокот има луѓе како поранешниот премиер на Македонија Никола Груевски, но и поранешниот висок функционер на Демократската партија на социјалистите (ДПС), Светозар Маровиќ. Освен тоа, под санкции е и Милорад Додик, но овој пат од Велика Британија.

Некои актери од Западен Балкан се санкционирани поради дестабилизација и коруптивни активности, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Според Блинкен, овие лица се сметаат за одговорни за загрозување на европската интеграција на регионот.

Санкциите вклучуваат блокирање на имот и права на имот кој се наоѓа во САД или е во сопственост или контролиран од американски државјанин. Најистакнатите имиња на листата се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот функционер на ДПС Светозар Маровиќ.

Во септември 2020 година, Груевски беше осуден во отсуство на година и пол затвор за насилство врз политички противници, а на обвинителна клупа се уште неколку отворени судења – ТНТ (рушење на деловната и станбена зграда на бизнисменот Фијат Цаноски), Титаник (организирање изборен фалсификат), Траекторија (фаворизирање на грчката компанија Актор за изградба на автопатот Демир Капија-Смоквица) и за организирање на насилството во Собранието на 27 април 2017 година.

Груевски е законски осуден на две години затвор во случајот со нелегална набавка на луксузен мерцедес, а во ноември 2018 година побегна во Унгарија каде брзо доби политички азил. Покрај Груевски, во февруари 2021 година беше санкциониран и осуден на 12 години затвор и поранешниот началник на македонската Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков во случајот „Таргет-Тврдина“ за масовно незаконско прислушување на повеќе од 20.000. граѓани.

Svetozar Marovic Foto: Boris Pejović

Маровиќ се уште е во егзил

Светозар Маровиќ, поранешен висок функционер на ДПС и последен претседател на Државната заедница на Србија и Црна Гора, исто така беше се најде на удар на САД. Тој беше осуден во 2016 година за милионска проневера во Будва додека неговата партија беше на власт. Маровиќ беше уапсен во декември 2015 година, а само една година подоцна беше ослободен од притвор откако ја призна вината.

Набргу најде засолниште во Белград, каде што е и денес. Црна Гора издаде налог за негово апсење и побара негова екстрадиција од Србија. Откако САД му воведоа санкции, од соседната земја повторно стигна итноста за екстрадиција на Маровиќ, но српските власти никогаш не одговорија на барањето на црногорските правосудни органи.

Амбасадата на САД во Подгорица го повика Светозар Маровиќ да се врати во Црна Гора и да се соочи со последиците од неговите активности, за кои е осуден.

Тужителка на удар поради злоупотреба на службената положба

На списокот на нови американски санкции се и двајца државјани на Босна и Херцеговина, и тоа поранешниот потпретседател на Партијата за демократска акција (СДА) и делегатот во Домот на народите на Парламентот на БиХ Асим Сарајлиќ и поранешната главна обвинител на Обвинителството на БиХ Гордана Тадиќ.

Според наводите на американските челници, Сарајлиќ бил вмешан во корупција на високо ниво, што вклучува трговија со влијание, злоупотреба на службената положба и примање мито во замена за влијание врз одлуките за вработување во државните компании како што е БХ Телеком.

Гордана Тадиќ ја искористила својата позиција за да промовира лични и семејни интереси и да ги заштити своите политички покровители од кривично гонење, соопшти американската амбасада во БиХ, додавајќи дека ова е многу сериозна злоупотреба на положбата.

На списокот се и две лица од Албанија – Акиф Ракипи и Јили Ндроги. Како што се наведува, Ракипи е озлогласен поранешен пратеник од Елбасан, кој има штетно и дестабилизирачко влијание врз политичките процеси во Албанија.

Британски санкции за Додик и Цвијановиќ

Покрај САД, и Обединетото Кралство воведе санкции за лидерите на Западен Балкан – членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик и претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ, поради обидот да го нарушат легитимитетот и функционалноста на државата БиХ.

Британските санкции значат дека Додик и Цвијановиќ нема да можат да патуваат во Обединетото Кралство, ниту да користат или пристапуваат до имот што можеби го имаат во Обединетото Кралство.

Додик од претходно е на „црната листа“ на САД. Минатата година, САД објавија проширена листа на санкции за дела на корупција, во која е вклучен и лидерот на владејачката Партија на независни социјалдемократи (СНСД). Тогаш беа изречени санкции и на Алтернативната телевизија од Бања Лука поради поврзаноста со Милорад Додик.

Слични содржини