Од „кошничките“ се збогатија големите трговци, велат од СДСМ

од Nikola Popovski
33 прегледи

„Кошничките“ донесоа поголема скапотија за граѓаните. Зејтинот, јајцата, шекерот, млечните производи, грашакот, гравот, леќата, сѐ е поскапено, велат од СДСМ за мерките на Владата во однос на цените на производите во маркетите и продавниците. Според најголемата опозициска партија, тоа е суровата реалност која граѓаните ја гледат во маркетите и продавниците.

-Од „кошничките“ се збогатија големите трговци, десетина милиони евра се извлечени од џебовите на граѓаните со амин на Мицкоски и ДПМНЕ. Политиките на Мицкоски се јасно насочени кон заштита на интересите на големите трговци и елитата. Додека 99% од граѓаните сè повеќе се борат со зголемените трошоци за живот, 1% – оние блиски до власта – профитираат на нивна сметка, велат меѓу другото од СДСМ преку соопштение.

Денеска е последниот ден од мерката „новогодишна кошница“ која вклучуваше речиси 1.200 производи, што добија пониски цени за десет насто во изминатиот месец. Надлежните очекуваа поевтинување на основните прехранбени производи за најмалку 10 проценти во споредба со цените во претходните 30 дена. Дел од граѓаните со душа чекаа да купат поевтино, а други пак, беа песимисти дека ќе има реално намалување на артиклите.

Граѓаните стравуваат од постапката на трговците за повторно враќање на дел од цените. Власта најави дека ваква мерка ќе има, и за Рамазан и за Велигден…

Слични содржини