Од анонимуси до министри, сите во локалната трка за градоначалничка фотелја

од desk4

Долга е листата на кандидати за градоначалници за локалните избори кои треба да се одржат на 17 октомври. Битката за градоначалничките фотелји ќе ја бијат 297 кандидати предложени од коалиции, партии и од група избирачи. Речиси стотина повеќе од пријавените кандидати за локалнтие избори што се одржаа пред четири години. Тогаш се пријавија само 208 кандидати.

Среќата на овие локални избори ќе си ја пробаат граѓани со најразлични професии. Од министри, пратеници, политичари, лекари, адвокати, па се до актери и пејачи. На листата има и градоначаници кои се, или, пак, веќе биле на оваа функција. Има и анонимни лица за кои јавноста првпат слуша. Сите тие имаа иста цел, да застанат на чело на одредена општина.

Политикологот Петар Арсовски за „Локално“ вели дека големиот интерес за градоначалничката позиција се должи на примамливоста на функцијата која е многу самостојна во одлучувањата, но и поради одредени бенефити кои доаѓаат заедно со функцијата.

-Очигледно е дека во Македонија, политиката веќе станува професија. Од ден на ден, се зголемува бројот на луѓе што сметаат дека во животот можат полесно да напредуваат ако станат политичари. Тие сметаат дека својата цел можат да ја остварат токму за време на локалните избори, бидејќи Изборниот законик дозволува кандидати за градоначалници или советници да бидат сите, под само еден услов, да го соберат потребниот број на потписи за кандидатските листи, вели Арсовски.

Политичкиот аналитичар, Арсовски вели дека една од причините зошто меѓу кандидатите има и министри е затоа што функцијата – градоначалник, е релативно независна, бидејќи над неа нема команди од страна на премиер или, пак, друго колективно тело.

– Има случаи и кога партиите вршат притисок особено врз лекарите и познаите личности, актери и пејачик за да станат кандидати за градоначалници. Тоа е така затоа што е овие луѓе се многу полесно избирливи, бидејќи имаат голем круг на познаници, вели Арсовски.

И додека партиите наголемо се подготвуваа за локалните избори Државната изборна комисија веќе ја објави листата со кандидати за градоначалници. Најмногу кандидати има во Скопје, дури 12 предложени од коалиции, партии и од група избирачи. Свои кандидати имаат коалициите на СДСМ и ЛДП-ДОМ. Потоа политичките субјекти Левица, Интегра, Твоја партија, Бошњачки демократски сојуз, ТМРО, Демократи, работници и независни, како и две листи на група избирачи – Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата и Алтернатива и Ана Петровска со поддршка од Зелен град.

Седум пријавени кандидати има во Центар: СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ЛДП-ДОМ, Левица, Твоја партија, Родина за Македонија, Демократи, работници и независни). Исто толкав број на кандидати има и за Струга и Тетово.
По шест кандидати има и во Ѓорче Петров (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ЛДП-ДОМ, Левица, ТМОРО, Демократи, работници и независни), Карпош (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Македонска ера трета, Левица и ГРОМ), Кисела Вода (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ЛДО-ДОМ, Левица, ТМРО, Интегра) и Шуто Оризари (СДСМ, Коалиција ЛДП- ДОМ, Коалиција Ром-Ромеске ДСР-НПР, Левица, ДПА и ДУИ).

За Аеродром и Чаир пријавени се по пет кандидати. Во Аеродром коалицијата што ја предводи СДСМ, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата на ЛДП и ДОМ, како и партиите Левица и ТМРО, а во Чаир ДУИ, БЕСА, ДНЕТ ДПА и Алијанса и Алтернатива.

Во Сарај и Гази Баба има четири пријавени кандидати (Сарај ДУИ, ДПА, БЕСА и Алијанса и Алтернатива и Гази Баба СДСМ; ВМРО-ДПМНЕ, Интегра и ТМОРО) и во Бутел само двајца – од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Во Битола има шест пријавени кандидати: СДСМ; ВМРО-ДПМНЕ, ЛДП-ДОМ, Македонска ера трета, Демократи, работници и независни, и група избирачи Зоран Лазаревски-Паљото, во Куманово и Прилеп по 5 (Куманово – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ЛДП-ДОМ, Алијанса и Алтернатива и група избирачи Максим Димитриевски, и Прилеп – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ЛДП-ДОМ, Интегра и Група избрачи Жарко Стефаноски) и Гостивар со четири кандидати (БЕСА, ДУИ, ДПА и Алијанса и Алтернатива) и Охрид со три: СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ТМОРО.

Во 25 општини има пријавено по двајца кандидати, како во Босилово, Валандово, Пробиштип, Пласница, Центар Жупа, Бутел.

Официјално изборната кампања за локалните избори започнува 20 дена пред денот на одржување на изборите. Во текот на кампањата која започнува на 27 септември Собранието нема да одржува пленарни и комисиски седници.

Според собранискиот  спикер Талат  Џафери на овој начин на политичките партии и нивните кандидати им се овозможува целосно да се посветат на изборната кампања и на барањата на граѓаните, истовремено избегнувајќи можност кампањата да се пресели во собраниската пленарна сала.

И додека политичките партии најавуаат „позитивна“ кампања, Арсовски вели дека  на избори за комуналната власт нема да изостане негативната изборна кампања. Тој посочува дека вака атмосфера со висока политичка тензија има  пред се поради блискоста во резулатите меѓу двата табора и во македонскиот и во албанскиот политички блок.

Б.Т.

Слични содржини