Од следната недела оперативни кредитни линии за стопанството

од Берта Китинска

Од следната недела ќе бидат оперативни неколку кредитни линии од Развојната банка наменети за стопанството, најави денеска од Струмица вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Овие кредитни линии во вредност од околу 46 милиони евра, според Битиќи, ќе му помогнат на стопанството да се справи со енергетската криза и со последиците од руско-украинскиот конфликт, но и да се подготви за зелената транзиција.

Битиќи обелодени дека се прават и детални анализи за да се супституираат дел од суровините од други земји кои претходно не биле атрактивни.

– Свесни сме дека ние сме мала економија, доста зависна. Вредносните ланци се поврзани нашироко во светот. Кризата во Украина секако дека ќе го прекине вредносниот ланец. Со носењето на економските мерки пред две недели рековме дека ќе обезбедиме колку што е возможно да се супституираат дел од суровините од други земји коишто претходно не биле атрактивни. Наспроти носењето на суровини од ЕУ, од ЦЕФТА земјите и неколку земји со коишто имаме договори, имаме доста држави во коишто имавме и многу високи царински тарифи. Веќе правиме детални анализи за укинување на царинските тарифи и укинување на квотите за да обезбедиме супститут на суровини, истакна Битиќи.

Слични содржини