Од утро до мрак низ улици: Малтретирањето и понижувањето се секојдневие на децата питачи

од Берта Китинска

Рамче, Џевдет, Менсуре…ќе ги сретнете на крстосниците низ градските улици како чистат стакла или молат за парче за леб. Немаат свој дом, а нивниот детски сон за игра е заменет за питачење или макотрпна работа на која ги принудуваат родителите или нивните старатели.

-Децата на улица и нивните семејства имаат комплексни и специфични социјални проблеми кои бараат посебен и специјализиран пристап. Целта е да им се заштититат правата, да им се пренесат моралните вредности, да им се помогне да изградат позитивни навики, да се социјализираат, да стекнат одговорности, да им се овозможи безбедна средина и безгрижно детство, велат од Детската амбасада „Меѓаши“ за „Локално“.

Според нивната евиденција низ скопските улици има 300 деца кои питачат и немаат свој дом, а најголемиот дел од нив се Роми.

Ако не ги даде заработените пари ќе биде малтретирано

Од детската амбасада посочуваат дека работата на улица ретко се санкционира, а децата честопати се малтретирани и уценувани ако доволно не заработат или пак не ги дадат парите на лицето кое ги натерало на питачење.

-Децата вообичено се принудени да работат од страна на нивното семејство и се вклучени во питачење, продавање ситни предмети, собирање отпадни суровини и чистење ветробрански стакла на крстосниците. Работата на улица ретко се санкционира. Некои свесно поради сиромаштијата во која западнале додека други поради тоа што нема која да ги заштити, деца кои се измачуваат, манипулираат, уценуваат и тепаат со цел да се искористи нивниот труд и да се остварат нечии лични материјални интереси, објаснуваат од „Меѓаши“.

Тие велат дека нивната организација којашто се грижи за правата и добросостојбата на децата секогаш постапува по добиена дојава за дете на улица.

-Во координација со интервентниот тим при ЦСР Скопје како и полицијата се вложуваат напори веднаш да се излезе на терен со цел да се увиди ситуацијата и да се згрижат децата. Од друга страна пак не постојат правни и формални регулирани критериуми за пријавување, упатување и постапување со децата на улица, ниту механизми за соработка меѓу институциите што работат со децата на улица.Преку нашите јавни апели не само до надлежните институции но и до секој поединец се обидуваме да ја подигнеме свеста дека општествената атмосфера е нешто што сите заедно го создаваме и секој има свој удел и одговорност во тоа, објаснуваат од „Меѓаши“.

Колку повеќе граѓаните апелираат побргу ќе се пристапи кон проблемот

-Доколку поголемиот број граѓани се јавуваат и апелираат до институциите, до граѓанскиот сектор за овој проблем толку повеќе и подобро ќе се пристапи кон решавање на проблемот, посочуваат од амбасадата.

Оттаму додаваат дека вртењето глава настрана и правењето дека не гледаме ништо е неодговорно како и непостапувањето или нефункционирањето на надлежните органи.

-Она што можеме да го кажеме од искуството на работење директно со децата на различни активности, е дека без исклучок со која возраст деца да работиме сите го забележуваат проблемот со децата на улица, тоа е дел од нивното секојдневие. Во Алтернативниот извештај за состајобата со правата на децата што самите деца лани го напишаа и поднесоа до Комитетот за правата на детето при ОН, децата на улица беше една од темите за кои самите избраа да пишуваат. Еве што велат тие: „ Загрижувачка е глетката, особено во поголемите градови, каде тие деца ги има на секој чекор, во секој момент и околу секој настан. Повредени се од родителите кои заедно со нив се составен дел од улиците, малтретирани и понижувани, дискриминирани се и уценувани.

Тоа се деца кои најчесто потекнуваат од повеќедетни семејства, кои или од некаде се избегани или не стигнале каде требало, па немаат свој дом. Одреден дел од децата на улица се користени од страна на своите родители или старатели, со тоа што ги тераат децата да просат по улици и истите пари што ги заработуваат децата, ги употребуваат за свои потреби. Доколку децата се обидат да потрошат дел од својата заработка, тие можат да бидат физички малтретирани од страна на своите родители или старатели. На овие деца треба да им се посвети повеќе внимание и грижа.“ Меѓу препораките што децата автори ги дадоа се и следните: „За да ги заштитиме децата да не ги доживеат траумите кои ги доживуваат на улицата, тие треба да бидат згрижени од социјалните служби, кои ќе ги згрижат децата и подоцна ќе бидат испратени во дом за деца каде што ќе им биде овозможено потребното образование, грижа и љубов кои им се потребни да пораснат во добри личности“, објаснуваат од „Меѓаши“.

Привремено се одземаат децата

– Центарот за социјална работа врши надзор над родителското право на родителите кои ги злоупотребуваат децата за питачење или за вршење на други работи на улица. Исто така привремено ги одзема децата и ги згрижува, а кон родителите покренуваат постапка за одземање на родителското право. Во 2013 година Центарот во Скопје во 15 случаи им укажал на родителите на недостатоците и пропустите во вршењето на родителското право, а во периодот јануари-август 2014 година укажал во 10 случаи.

Тие велат дека во сите овие случаи се донел решение за постојан надзор над вршењето на родителското право кој се врши во просек од 6 месеци до 1 година.

-Во периодот јануари-август до надлежниот суд доставил 2 предлога за одземање на родителското право. Децата кои се одземени од родителите се сместуваат во згрижувачко семејство или во ЈУ за деца без родители и родителска грижа, при што се следи нивната состојба преку надзор и непосреден увид, два пати во неделата. Заради подобрување на состојбата во овие семејства се организирани и превентивни работилници за деца и родители кои многу ретко се посетени од страна на родителите на овие деца.Би рекле дека секоја мерка што подразбира некаква казна за да биде ефикасна мора да биде придружена со позитивна мерка исто така, како што се обуките, советувањата, поттикнување на родителите да станат дел од активната работна сила но и континуирана кампања за подигнување на јавната свест за овој проблем и како секој граѓанин може да придонесе кон подобрување на состојбата, велат од амбасадата.

Постои ли трајно решение?

Дел од децата на улица се надвор од училишните клупи, поради проблемот со неевидентирање во матичната книга на родените, или пак од причина што ја надминале возраста за упис во прво одделение. Голем број од децата кои се запишани во образовниот процес, не го посетуваат редовно училиштето. Секое дете вклучено во образовно воспитниот процес од најмала возраст од социјално загрозените категории значи дете помалку на улица. Обезбедување дополнителна настава за деца и млади кои го пропуштиле редовното образование, велат од „Меѓаши“.

Тие велат дека според согледувањата на Дневниот центар за деца на улица, оние кои се  вклучени во образовниот систем ги следат низа проблеми кои го отежнуваат нивниот процес на образование, а тука спаѓа немање навика да седат на час, недоволни предзнаења, недоволни хигиенски навики, немање услови за работа во домашни услови, немање доволно облека, обувки, потребен школски прибор, немање поддршка од родителите за редовно следење на наставата и помош во совладување на наставните содржини.

-Формирање на мултидисциплинирани тимови за брза интервенција во сите центри за социјална работа не само во Скопје и примена на унифициран модел на овие тимови на локално ниво низ цела држава. На локално ниво да се обезбедат поголем број на сервисни служби за дневно прифаќање на деца на улица. Зајакнување на капацитетите во центрите за социјална работа за препознавање на семејства кои се со зголемен ризик од запоставување и злоставување на децата се дел од работите на кои треба да се обрне внимание, посочуваат од амбасадата.

Оттаму посочуваа дека во последниот Алтернативен извештај на невладините организации за состојбата со правата на децата во Македонија од 2020 година, децата од улица не се заведени бидејќи ниту родителот ниту старателот на детето не поседува документ за идентификација и затоа не можат да го регистрират своето дете.

-Во февруари 2020 година беше донесен Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени со кој овие лица требаше да се запишат во посебна матична книга на родените, со што ќе им се овозможи пристапот до образование, здравствена и социјална заштита, велат од Меѓаши.

Дневен Центар во Кисела Вода и Шуто Оризари

Децата од улица во Дневниот Центар ја одржуваат и личната хигиена, се бањаат, добиваат и оброк во текот на денот.

Детскиот центар работи и со родителите на овие деца односно обработуваат различни теми преку работилници. Станува збор за психо-социјална поддршка и работа со родителите како поттик за грижливо однесување кон нивните деца. Надминување на занемарувањето на децата од страна на родителот, односно подигање на свеста и заштита на детето од повредување, игнорирање на здравствените и физичките потреби како хигиена, храна, вода, лекарства кога се потребни, побезбедни животни услови.

МТСП евидентира 83 деца на улица

Согласно евиденцијата на ЈУ Завод за социјални дејности, заклучно со месец мај вкупно  евидентирани се 83 деца на улица, од следните Центри за социјална работа: Скопје (63), Кичево (6), Битола (5), Куманово (4), Прилеп (2), Велес (1), Гостивар (1) и  Кавадарци (1), информираат од Министерството за труд и социјална политика.

Од надлежната институција по однос на преземените мерки велат дека не се води  посебна евиденција за деца на улица тука за деца во ризик и состојбата е следна.

– Сместени во згрижувачко семејство: 6

-Сместено во установа – мал групен дом: 8

– Покренат надзор над родителското право: 38

–  Посвојување:1

– Ставено под старателство:14

–  Стручна советодавна работа со деца и родители на деца на улица: 11

–  Деца упатени во дневен центар за деца на улица: 64

–  Други форми на помош и заштита: 32

Поднесени вкупно 66 кривични пријави

Од министерството за внатрешни работи велта дека во овие ситуации се постапува по законските одредби со закон доделени овластувања при што со цел превенирање и спречување на појавата од деца на улица, нивна злоупотреба и експлоатација, во содејство со ЈУМЦСР Скопје, се преземаат мерки и активности и тоа на најпогодените подрачја односно на сите локации за кои постојат информации дека се користат за питачење.

-Во случаи кога ќе се утврди дека дете питачи само или во присуство на родител/старател, согласно Кривичниот законик и Законот за кривична постапка, имајќи го во предвид Законот за правда на деца, а од причини што оваа појава се третира согласно Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, доколку се утврдат елементи на кривично дело по член 201 „Запуштање и малтретирање на дете“ кривична пријава се поднесува против родителот/старателот. За 2020 година вклучително и првото шестомесечие од 2021 година биле поднесени вкупно 66 кривични пријави против родител/старател на дете, од нив девет се за  кривични дела „Запуштање и малтретирање на дете“ кое биле затекнати при питачење. Согласно ЗППЈРМ по член 24 „Кој ќе се затекне да пита“ за претходната 2020 година вклучително и  првото шестомесечие од 2021 година евидентираме вкупно три прекршоци против четири сторители , сите се полнолетни, информираат од МВР.

Б.М.

 

 

Слични содржини