Одбележана изградбата на Центарот за обновување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата

од Aleksandar Petrovski

„Со изградбата на Центарот за обновување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата, кој е од исклучителна важност како за Министерството за внатрешни работи, така и за другите државни институции, сакаме да бидеме подготвени за да обезбедиме функционирање на виталните информациски системи во случај на евентуално онеспособување на примарниот информатички систем поради природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Прилеп, на настанот по повод завршувањето на градежните работи во рамки на проектот ‘Градежни работи за воспоставување на Центар за обновување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата’, финансиран со средства од Програмата за претпристапна помош на Европската Унија (ИПА) за 2013 година.

Како што појасни министерот Спасовски, имплементацијата на договорот за градежни работи за воспоставување на овој Центар, во вредност од речиси 3,4 милиони евра, започна во март 2018 година, а покрај МВР, во неговото работење можат да земат учество сите државни институции кои имаат таква потреба, согласно законските надлежности.

„Би ја искористил можноста да изразам благодарност за континуираните напори и помошта што Европската Унија ја дава на Република Северна Македонија, а во тој контекст и на Министерството за внатрешни работи. Во изминатиот период, Европската Унија овозможи реализација на многубројни проекти со што нашето министерство обезбеди значителна поддршка при спроведување на реформските процеси, како и голема материјална поткрепа, со која видливо се подобрија човечките, техничките и инфраструктурните капацитети неопходни за ефикасно работење. Во овој дел сакам да напоменам дека во рамките на МВР во моментов во тек се два ИПА проекти, кои имаат за крајна цел целосна функционалност и оперционализација на Центарот за обновување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата“, рече министерот Спасовски.

Така, во рамки на ИПА програмата за 2014 година, во тек е проектот за „Набавка на опрема за имплементација на Системот за обновување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата и модернизација на ИТ инфраструктурата во седиштето на МВР“, а во рамки на националната ИПА програма за 2015 година, започна со имплементација рамковниот проект „Имплементација на систем за обновување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата – фаза 2“, кој има за цел да ги воспостави процедурите за функционирање на Центарот и да обезбеди обука за вработените.

Министерот Спасовски изрази задоволство од фактот што изградбата на ваков Центар е прв случај во поширокиот регион, каде една државна институција гради модерен објект за свои потреби.

„Изградбата на овој Центар претставува уште еден показател дека Република Северна Македонија е во тек со иновациите во делот на информациско-комуникациските технологии и безбедноста на податоците и подготвени сме на своите граѓани да им гарантираме заштита и зачувување на податоците во секое време“, подвлече министерот за внатрешни работи, додавајќи дека преку изградбата на овој објект и неговото функционирање, очекува земјава да биде пример и за другите земји во однос на грижата кон безбедноста и заштитата на податоците на граѓаните.

Слични содржини