Одбиен предлогот на Словенија: Знамето на ЕУ нема да се појави на отворањето на ОИ

од Nikola Popovski

Меѓународниот олимписки комитет не го прифати предлогот на утрешното отворање на Олимписките игри во Токио, словенечките спортисти покрај националното знаме да носат и знаме на Европската унија.

Предлогот беше испратен до претседателот на МОК, Томас Бах, од потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Шинас и словенечкиот премиер Јанез Јанша, а словенечкиот тим беше избран затоа што таа земја во моментов претседава со Советот на Европската унија, објави „Политико“.

Во соопштението на МОК се вели дека „еден олимписки тим може да користи само едно знаме, еден грб и една химна, под услов тие да бидат одобрени од Националниот олимписки комитет и потврдени од Извршниот одбор на МОК“.

„Од очигледни причини, исклучоците не се дозволени, бидејќи во спротивно МОК ќе се соочи со бројни барања од институциите кои, како и Европската унија, ги делат вредностите што се јадрото на Олимписките игри“, се вели во соопштението.

Во писмото до претседателот на МОК, Шинас и Јанша посочија дека дозволувајќи им на словенечките спортисти да го носат знамето на ЕУ, тие ќе станат „амбасадори на европското единство и вредности што се темел на Унијата и се совпаѓаат со основните принципи на олимпиското движење “.

Во соопштението на МОК, сепак, се посочува дека сите спортисти кои доаѓаат на Игрите ги делат заедничките вредности на Европската унија и Олимписките игри.

Слични содржини