Одбиени приговорите од АА и Алтернатива за изборите во Дебар

од Nikola Popovski

Државната изборна комисија (ДИК)  на 41-та седница ги одби како несоновани доставените приговори од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива поради тоа што не биле поткрепени со соодветни факти и докази за наводите.

Од таму соопштија дека во однос на двата приговора кои се однесуваат на нарушување на принципот на тајно гласање, тие се одбиени поради тоа што не ги исполнуваат условите од член 151 став 1, алинеја 2 од Изборниот законик, бидејќи не е загрозена тајноста на гласање на другите лица и согласно став 3 од истиот член, резултатот од ова избирачко место не влијае врз вкупните резултати.

–Во прилог на приговорите не беше доставен соодветен доказ за наводите кои беа наведени во нив, а во Записникот бр.16 за секое избирачко место кое е предмет на приговор, немаше забелешка од ниту еден член од избирачките одбори, ниту од овластените претставници од подносителите на листите (согласно член 116 став 3 од Изборниот законик), кое исто беше утврдено по повеќекратните проверки и увид во записниците од страна на Државната изборна комисија, кои уредно беа потпишани од целиот состав на Избирачкиот одбор, информира ДИК.

По однос на приговорот во кој беше наведено дека во неколку избирачки места е направено кршење на постапката на предавање на доверливиот изборен материјал, на начин што вреќите во кои се ставани гласачките ливчиња не биле пломбирани со сигурносна лента од страна на Избирачките одбори, приговорот е одбиен бидејќи, како што посочува ДИК – „иако е утврдена таквата фактичката состојба, станува збор за формален пропуст, затоа што наводот се однесува за постапката при транспорт на изборниот материјал, односно наводите не се однесуваат конкретно по постапката за гласање или за сумирање и утврдување на резултатите, по кои немаат никаква забелешка членовите на избирачкиот одбор ниту, пак, овластените претставници”.

Слични содржини