Одбрана го демантира Ковачки: Годинава набавени се 435 илјади литри флаширана вода за Армијата, планирани се уште 635 илјади

од Nikola Popovski

Министерството за одбрана и Армијата редовно обезбедуваат вода за пиење за сите вработени и тоа може да се види преку факти и бројки, велат од МО за „Локално“ после обвинувањата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки дека „во касарната на Армијата нема вода за пиење“.

Од Министерството потенцираат дека во 2022 година за потребите на Армијата, преку јавни и транспарентни јавни набавки, досега набавени се 435 илјади литри флаширана вода за армиските припадници.

-Во моментов, во тек е набавка на 653 илјади литри флаширана вода, повторно во транспарентна постапка која е и јавно достапна. Количествата на флаширана вода кои се доставуваат до касарните и издвоените објекти се доставуваат согласно искажаните потреби и водата се доставува континуирано, посочуваат од МО. 

Додаваат дека ресорот на побарување од Генералштабот на Армијата континуирано спроведува јавни набавки за вода во амбалажа кои редовно се реализираат, како што велат, за што може да се изврши увид на веб страницата на министерството за одбрана во делот на реализирани договори за јавни набавки.

Ковачки обвини дека офицерите во АРМ се жалеле до државниот врв.

-Во касарната на Армијата нема вода за пиење, додека пак кај министерката и тимот околу неа кога доаѓаат гости се служи флаширана вода. Водата во Водоводот – Скопје се пие, колку што јас знам. Значи може да се пие и од чешма. Но, во гарнизонот кој што не е во Скопје водата не се пие од чешма и таму би требало да биде флаширана, рече Ковачки во дебатна емисија.

Н.П.

Слични содржини