Одложен карневалот во Рио де Жанеиро

од Stefanija Kuzmanovska

Училиштата за самба во Рио де Жанеиро денеска одлучија да го одложат познатиот Карневал, кој требаше да се одржи во февруари 2021 година, поради пандемијата на коронавирусот.

Училиштето Лиес не соопшти нов датум за одржување на фестивалот, но изјави дека тоа зависи од вакцината, пренесува „Ројтерс“.

„Многу е тешко да се има карневал без вакцина. Нема шанси карневалот да се одржи во небезбедни услови“, рече претседателот на Лиес Хорхе Кастањеира, додавајќи дека карневалот може да се одложи најмногу до јануари 2022 година, за да не се наруши следниот карневал.

Тринаесет бразилски училишта за самба парадираат на Самбодром пред околу 90.000 жители на Рио за време на карневалот, како и пред бројни туристи од целиот свет, а датумот се менува секоја година во зависност од римокатоличкиот период на Великиот пост.

Градското собрание на Рио де Жанеиро треба да донесе одлука за улични забави што обично се одржуваат за време на карневалот, пренесува АП.

Првиот случај на коронавирус во Бразил е регистриран на 26 февруари, ден по завршување на карневалот.

Последен пат карневалот беше одложен за два месеци во 1912 година поради смртта на тогашниот министер за надворешни работи и оттогаш прославата не беше спречена ниту со Втората светска војна.

Слични содржини