Одложено рочиштето за „Меѓународен сојуз“, Јовановски пренесен во болница

од Vladimir Zorba

Првообвинет во аферата „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски итно е пренесен и згрижен во универзитетската клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“. Поради тоа, денешното рочиште за случајот е одложено за 28 октомври.

Адвокатот на Боки 13, Сашо Дуковски посочи дека здравствената состојба на Боки 13 е премногу нарушена.

– Лекарите најстрого препорачуваат нега во домашни услови. Затоа ние и бараме домашен притвор. За нашето барање бевме и на седница на Апелација, но искрено не очекуваме дека ќе го уважат нашето, и мислењето на лекарите, изјави Дуковски.

Во случајот првообвинет е Бојан Јовановски, кој беше прв човек на невладината организација „Меѓународен сојуз“. Второобвинета е поранешната пратеничка Фросина Ременски, а потоа обвинети се Јасна Мандиќ, таткото на Боки Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“, чиј претседател е Боки.

Јовановски е обвинет за измама и перење пари. За помагање во извршување на измамата, обвинети се и Ременски, Мандиќ и Блажевска. За помагање на второто дело, перење пари, со обвинението се опфатени: Мандиќ, Блажевска и Миле Јовановски, кој исто така се товари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола.

За кривично дело измама се гони и „Меѓународниот сојуз“.

Слични содржини