Одложено судењето против Мерко за набавката на „аудито“ од 67 илјади евра

од Nikola Popovski
306 прегледи

Во Основниот суд Струга се одложи главната расправа против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за набавката на луксузниот автомобил од марката „ауди“. Во судницата не се појави ниту Мерко, ниту неговиот адвокат. Одлагањето е по барање на бранителот на обвинетиот, кој побарал увид во доказите.

Списите со предметот, како што појасни судијката во дигитален препис ќе му бидат предадени на адвокатот на обвинетиот на усб стик, на кој има 27 фалјови во ПДФ формат.

Јавниот обвинител во Основно јавно обвинителство Струга, Никола Јолески појасни дека се работи за обвинителен предлог поднесен од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до Основниот суд во Скопје. Поради процесни причини, појасни, обвинението е отстапено во надлежност пред Основниот суд во Струга.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 01-ми март годинава, поднесе обвинение „злоупотреба на службена положба“ со набавка на автомобил „Ауди“, вреден 67 илјади евра, а претходно во 2020-та година Антикорупциската комисија поднесе иницијатива за кривично гонење на струшкиот градоначалник.

Со последните измени на Кривичниот законик за злоупотребата на службената положба и овластувања – членот 353, се предвидува казна затвор од една до четири години.

Во Обвинителство против струшкиот градоначалник има 16 дела, две од нив завршија со обвинителен предлог. Од 2006-та низ рацете на обвинителите поминале 30 дела, 14 од нив застареле.

Слични содржини