Одлуката на ЕМА за „бустер“ дозата на „Фајзер“ можна на почетокот на октомври

од Vladimir Zorba

Европската агенција за лекови (ЕМА) може да одлучи на почетокот на октомври за можна употреба на засилувачка, „бустер“ доза на „Фајзер/Бајонтек“, изјави извор запознаен со прашањето за Ројтерс.

Ова ќе биде прва одлука на регулаторот на ЕУ за дополнителни дози, рече изворот откако американската администрација за храна и лекови во средата ја одобри третата доза „Фајзер“ за лица на возраст од 65 години и постари, лица изложени на ризик од сериозни болести и оние кои редовно се изложени на вирусот. „Одлуката на ЕМА за третата доза „Фајзер“ се очекува на почетокот на октомври“, рече изворот, но сакаше да остане анонимен поради чувствителноста на ова прашање.

„Фајзер“ одби да коментира, а „Бајонтек“ не беше достапен за коментар.

Регулаторот на ЕУ објави на 6 септември дека започна со евалуација на податоците на „Фајзер/Бајонтек“ за засилувачката доза што ќе им се даде на луѓето на возраст над 16 години, шест месеци по добивањето на втората доза.

„Модерна“, исто така, треба наскоро да достави податоци за засилувачката доза до ЕМА, се наведува во документот на ЕУ.

Во мислењето издадено на почетокот на септември и реиздадено од ЕМА, Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) наведува дека нема итна потреба „бустер“ доза дапримат целосно вакцинирани лица во општата популација.

Но, тие забележуваат дека треба да се земат предвид дополнителни дози на вакцина за луѓе со ослабен имунолошки систем.

Многу членки на ЕУ веќе одлучија да користат бустер дози и покрај правните ризици, бидејќи ЕМА се уште нема донесено формална одлука.

ЕУ потпиша три договори со „Фајзер“ и „Бајонтек“ за вкупно 2,4 милијарди дози.

Најновиот договор опфаќа испорака на најмалку 900 милиони дози вакцина, од кои голем дел ќе бидат потребни само ако се смета дека се неопходни „бустер“ дози или ако се појават нови варијанти на коронавирусот против кои постојната вакцинација нема да биде ефикасна.

Повеќе од 70 проценти од возрасната популација на ЕУ е целосно вакцинирана, а блокот обезбеди доволно снабдување со вакцини од неколку производители.

ECDC изјави дека клучните податоци за потребата и безбедноста на засилувачките дози се уште недостасуваат, делумно затоа што се уште не е разјаснето колку долго вакцините можат да заштитат од коронавирус.

Слични содржини