Одмрзнати примањата на функционерите: „Нека земаат поголема плата, но нека покачат и по 100 евра за сите работници“

од Nikola Popovski

Премиерот, претседателот, министри, градоначалници ќе добиваат поголема плата од наредниот месец. Остри реакции во јавноста предизвика вчерашната одлука на Уставниот суд со која се укинуваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица. Поточно со укинување на два члена се овозможува зголемување на платите на државните функционери за дури 78 отсто. Шефот на државата Стево Пендаровски веднаш реагираше и ја повика Владата да предложи законско решение со кое ќе се регулира прашањето преку намалување на бодовите. Тој ја оцени ваквата одлука како невкусна.

Марјан Ристески

Синдикалните организации како и поголемиот дел од граѓаноте со неверување гледаат на ваквото одмрзнување на платите на функционерите. Според претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) Марјан Ристески, вели дека Уставниот суд се вади дека наводно не покачувале плати, туку само ги укинале одредбите што не се уставни.

-Во еден ваков момент ова е зачудувачки. Нон стоп ни вртат сите работници во нашата Конфедерација и чекаме да видиме. Се плашам да не е некоја игра – Владата да излезе и да рече ова не го посакуваме, ќе донесат некој Закон во Собрание за да повлечат и да ја амортизираат состојбата, истакнува Ристески за „Локално“.

Според него, се работи за бројка од околу 2-3000 илјади лица кои би биле опфатени.

-Нас не не тангира, нека земаат функционерите плата, но да работат чесно и одговорно и да се направи усогласување со минималната плата. Нека ги зголемат сите плати линеарно како што се качуваме минималната плата. Не може Уставниот суд да носи за некого такви закони, а ССМ веќе дадено тужба за покачување на останатите плати согласно минималното, а Судот не се огласува. Не може да се изјаснува кога се работи за функционери, а за работниците да не се изјаснува. Ќе видиме каква ќе биде реакцијата од Владата, па согласно на тоа ќе реагираме, посочува претседателот на КСОМ.

Тој е дециден дека ова создава дополнителен револт.

-Мислам дека премиерот или Собранието ќе сакаат ова да го искористат, за да кажат дека не се за вакво зголемување. Што имаме ние работниците со тоа? Нека земаат поголема плата, но ќе направат усогласување со покачување на минималната плата наназад. Нека покачат по 100 евра за сите работници, па нека одат понатаму. Што ни значи и да се поништи одлуката? Ние немаме да земаме плата, ама и на вас не ви даваме… Кризата е присутна и поскапувањата се тука, заклучува Ристески.

Трпе Деаноски

Трпе Деаноски

Трпе Деаноски од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) за „Локално“ вели дека е нелогично во време на инфлација да се укинат одредби од Закон за плати на функционери со кои имаше ставено ограничувања во 2010 година.

-Со самото тргање на ограничувањето, платите на функционерите се вратија на просечна плата во бруто износ. Со тоа добиваат зголемување од над 78%.

Зошто доаѓа во овој момент, треба да се праша Уставниот суд кој ја прифати иницијативата и ги укина законските одредби. Кога ќе видите и тие се функционери согласно Законот за плати и надоместоци на функционери и тие ќе ги добијат зголемувањата. Дали има судир на интереси треба да ги прашаме нив, ни вели Деаноски.

Потенцира дека Синдикатот на УПОЗ го искажува своето незадоволство и дополнително ќе одлучи што ќе преземе.

-Од страна на членовите пристигнуваат реакции и мејлови дека се незадоволни. Во понеделник ќе имаме состанок на нашите органи и тела во поширок состав и ќе одлучиме какви ќе бидат понатаму нашите чекори, додава претседателот на УПОЗ.

Сепак порачува дека премиерот не може да ја суспендира оваа одлука бидејќи ова е одлука на Уставен суд.

-Според мене, доколку Владата сака да направи нешто треба да донесе измени на Законот за плати и надоместоци на избраните лица за да може да се намалат нивните плати, објаснува Деаноски.

Н.П.

Слични содржини