Одобрена Стратешката акциска програма за Дримскиот басен

од Vladimir Zorba

Заедничка изјава за одобрување на Стратешката акциска програма (САП) за Дримскиот Басен потпишаа денеска преку видео конференција заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули и претставниците на државите од Дримскиот Басен.

Еден од најважните аспекти за нас е управувањето на сливот на Охридско Езеро како суббасен на басенот на Дрим, за кој во рамки на Дримскиот проект е изготвен нацртот на Планот за управување со сливот на Охридско Езеро, кој со години недостасуваше за квалитетна заштита и управување со Охридско езеро и неговиот слив во целина, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.

Стратешката акциска програма, потенцира ресорното Министерство, е исклучително важен документ за регионот, но и за нашата земја. Главните придобивки треба да бидат исполнети преку цели на програмата за подобрување на размена на информации за состојбата и водниот режим во Дримскиот басен, создавање услови за одржливо користење на водата и екосистемите, како и развој на мерки за соработка со цел минимизирање на ризиците од катастрофи поради екстремните природни појави и климатските промени до 2030 година.

Цели на програмата се и подобрено управување со цврст отпад и негово соодветно одлагање, намалување на загадувањето со нутриенти што потекнуваат од непречистени или несоодветно пречистени отпадни води што се испуштаат и од неодржливи земјоделски практики, како и намалување на загадувањето со опасни материи како што се тешките метали и пестицидите.

Потпишувањето на САП, укажува МЖСПП, всушност значи и врата за обезбедување на средства од донаторската заедница за имплементација на предвидените мерки. Воедно, ова е придонес на нашата земја во имплементацијата на Рамковната директива за води на Европската Унија.

-Постојат неколку лекции научени од пандемијата КОВИД-19, а тоа е дека е важно да се има добро лидерство, солидарност и прекугранична и регионална соработка. Мора да размислиме како да ги водиме општествата на „зелен начин” и како сè да биде „одржливо“. Мора да се бориме против климатските промени и загубата на биодиверзитетот преку одржливи модели. Во таа насока, драго ми е што Дримскиот проект се заснова на принципите на одржливост и заштита на животната средина, рекол на видеоконференцијата заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Макрадули.

Стратешката акциска програма игра две различни улоги: еколошка, како важен чекор кон идно заедничко управување на Дримскиот басен, како и политичка порака за регионална соработка.

-Имено, заедничкото управување со басенот на реката Дрим, претставува значителна додадена вредност на тековната работа во Дримскиот басен, со цел зајакнување на регионалната соработката кон одржлив социоекономски развој на тој регион. Охридското Езеро, кое е суббасен на басенот на реката Дрим, покрај неговата единствена биолошка разновидност, е значајно и за нас, како поради неговата туристичка вредност, така и поради производство на хидроенергија, истакна Макрадули.

Тој го поддржал предлогот дека следна точка на соработка треба да биде Преспанското езеро. Потенцирал дека покрај политичката симболика на Преспанскиот договор, значајна ќе биде синергијата и во еколошка смисла во заштитата на езерото.

Слични содржини