Одредена количина на струја мора да остане во државата, рече Бектеши за „Чебрен“

од Nikola Popovski
389 прегледи

Согласно последните измени на Законот за енергетика, има механизми со кои на енергетските капацитети им се наметнува обврска одредена количина струја да остане тука, во земјава, согласно потребите и потрошувачката, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши, одговорајќи на новинарско прашање во врска со изградбата на ХЕЦ Чебрен.

-Секој енергетски капацитет што е на територијата на Република Македонија, има механизми државата, посебно со последните измени на Законот за енергетика, да направи одредени обврски за одредена количина на струја да остане тука во државата, согласно потребите и потрошувачката која, знаеме дека не е иста во лето и во зима. Најважно од се, за вакви крупни проекти, енергетски капацитети, е да бидат внатре во територијата на Република Македонија. И ние тоа го правиме, почнувајќи од обновливите извори за енергија, сега и со Чебрен, а во иднина и со наредни проекти, истакна Бектеши на прес-конференција во Владата.

Минатата недела, Владата на седница донесе одлука со која се овозможува реализација на реверзибилната хидроцентрала Чебрен на Црна Река. Со тоа треба да почне реализацијата на еден од најголемите енергетски проекти во земјава на кој се чека три децении.

Предвидено е Чебрен да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река е предвидено создавање на ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава.

Според информациите од Владата, проценетата вредност на инвестицијата е околу една милијарда евра со која е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала Чебрен, со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Градежните работи ќе почнат откако ќе се заврши со проектирањето и обезбедувањето на потребните документи, а предвидено е таа да се изгради за седум години по што би почнало производството на струја.

Слични содржини