Официјално: Audi влегува во Формула 1 (ФОТО/ВИДЕО)

од Vladimir Zorba

По неколкумесечни шпекулации, Audi денеска официјално објави дека влегува во Формула 1 од сезоната 2026 година како снабдувач на мотори. Германците чекаа до усвојувањето на новите правила за погонските системи, кои стапуваат на сила од 2026 година, за да го потврдат своето учество.

Од 2026 година се очекува во Формула 1 да влезе и другата марка од групацијата Фолксваген – Порше, а најверојатно Порше ќе биде партнер со Ред Бул.

Audi ќе ги развива и произведува погонските системи за Формула 1 во својата база во Нојбург, со Адам Бејкер на чело на проектот. Од компанијата потврдија дека таму веќе се поставени штандови за тестирање, а до крајот на годината проектот ќе добие замав со вработување на нови луѓе и доизградба на инфраструктурата на базата.

„Мотоспортовите се нераскинлив дел од ДНК на Audi“, изјави претседателот на одборот на директори на Audi – Маркус Дусман. „Формула 1 е глобална сцена за нашиот бренд и развојна лабораторија со многу силна конкуренција. Со новите правила влегуваме во вистинско време за нас“.

Во официјалното соопштение на Audi се вели дека компанијата допрва ќе одлучува со кој тим ќе соработува, но речиси е сигурно дека тоа ќе биде Заубер. Се повеќе извори тврдат дека Германците купиле или се во процес на стекнување на 75% од Заубер.

„Задоволство е да се поздрави Audi во Формула 1, тоа е легендарна автомобилска марка, пионер во технологијата – додаде извршниот директор на Формула 1, Стефано Доменикали. „Едвај чекаме да го видиме логото на Audi на мрежата и наскоро да дознаеме повеќе за нивните планови“.

Веднаш по објавувањето, Audi покажа верзија за тоа како би изгледал тимот со кој Германците ќе работат во блиска иднина.

Слични содржини