Официјално: Лопетеги веќе не е селектор на Шпанија

од Vladimir Zorba

Хулен Лопетеги е отпуштен од функцијата селектор на Шпанија, соопшти претседателот на федерацијата Луис Рубиалес. Разрешувањето станува факт помалку од 24 часа, откако стратегот го презеде Реал Мадрид.

Токму тоа се покажа главна причина за смената на веќе поранешниот селектор, кој неочекувано ги презеде „белите“, и тоа неколку дена пред стартот на Светското првенство во фудбал 2018.

„Благодарни сме на Лотетеги за она што го направи. Тој е еден од главните виновници да сме во Русија, но ние сме должни да го ослободиме. Треба да испратиме јасна порака до сите кои се обврзани со Шпанската фудбалска федерација“, изјави шефот на шпанскиот фудбал.

„Постојат одредени начини на кои треба да се случуваат работите. Не се чувствуваме предадени од тренерот, проблемот е дека работите со неговиот договор со Реал Мадрид се случија без какво и да е учество од шпанската федерација“, објави Рубиалес за време на вонредната прес-конференција.

Шпански „AS“ веднаш започна да прави претпоставки кој ќе го наследи Лопетеги во националниот тим. Според изданието има четворица кандидати за нов селектор на Шпанците.

Станува збор за поранешниот тренер на Барселона, Луис Енрике, поранешниот тренер на Малага, Марсеј и Севиља – Мичел, помошникот на Лопетеги Алберт Селадес, а исто така и поранешниот менаџер на Мидлзборо и „вечен“ помошник на Жозе Мурињо – Аитор Каранка.

Слични содржини