Официјално: Мане нов играч на Баерн Минхен

од Vladimir Zorba

Сенегалското крило Садио Мане од денеска и официјално е нов член на Баерн Минхен.

30-годишниот Мане пристигнува на „Алијанц Арената“ по шест сезони минати во Ливепроол, а потпиша договор до летото 2025 година.

„Садио Мане е светска ѕвезда. Ќе го промовира Баерн, но и Бундеслигата воопшто. Ваков фудбалер сакаат да видат на стадион. Ова е одлична работа на нашите Оливер Кан и Хасан Салихамиџиќ. Горди сме што го ангажиравме Мане“, изјави претседателот на Баерн, Херберт Хајнер.

„Во Садио ќе добиеме играч од светска класа. Тој остави голема трага во светскиот фудбал. Горди сме што го доведовме во Минхен. Садио уште од првиот момент во нашите преговори објави дека сака да игра за Баерн. Свесни сме за неговите квалитети и знаеме дека има неверојатен менталитет. Тој ќе придонесе за нашиот тим. Сигурни сме дека ќе се вклопи во фудбалот што го форсира Јулијан Нагелсман“, изјави Хасан Салихамиџиќ.

Мане во Ливерпул пристигна во 2016 година од Саутемптон во трансфер вреден 42 милиони евра, а во меѓувреме одигра 269 натпревари за „црвените“, постигна 120 гола и забележа 48 асистенции.

Во кариерата играше и за Ред Бул Салцбург и Мец.

Слични содржини