Официјално: Зидан го напушта Реал Мадрид

од Stefanija Kuzmanovska

По една сезона без трофеј, Зинедин Зидан реши да го подигне сидрото. Шпанските медиуми објавија пред неколку недели дека Французинот донел одлука да го напушти клубот, а сега сè доби официјален епилог: заврши вториот мандат на францускиот стручњак во Мадрид, објавија од клубот.

По неуспешната трка за титулата во Шпанија со Атлетико, тие не сакаа да потврдат дали си заминува, но тој сепак навести таков исход.

„Суштината е во тоа што не освоивме ништо, а играчите сакаат да подигнат трофеи. Денес мора да бидеме смирени, а во следните денови ќе разговараме за сè. Ќе знаеме многу брзо што ќе се случи. Не само со мене, но какви се плановите на Реал за следната сезона. Сите знаеме што е Реал и што значи кога годината ќе заврши без трофеј“, рече тој пред само пет дена.

По втор пат го напушта стадионот „Сантијаго Бернабеу“ по своја одлука. Претходно тоа го стори исто во мај, пред три години. Интересно, пет дена по освојувањето на третата последователна титула во Лигата на шампионите.

Тој се врати во март 2019 година за да го „изгасне огнот“, по неуспешните епизоди на Хулен Лопетеги и Сантијаго Солари на клупата на Кралскиот клуб. Во јули минатата година ја освои титулата во Примера (втора во тренерската кариера), и го подигна трофејот во шпанскиот Суперкуп. Сепак, во неодамна завршената сезона, тој остана со празни раце и поради сè, на крајот, тој реши да го напушти клубот. Флорентино Перез сакаше да го задржи, но и овој пат не успеа да го смени ставот на популарниот Зизу.

„Реал Мадрид објави дека Зинедин Зидан одлучи да го заврши својот мандат како тренер во нашиот клуб. Време е да ја почитуваме неговата одлука и да му покажеме колку го цениме неговиот професионализам, посветеност и страст во текот на сите овие години, како и за сè што претставува за Реал Мадрид. Зидан е еден од најголемите митови на Реал Мадрид и легендата за него го надминува она што го стори како тренер и играч за овој клуб. Тој е свесен дека е во срцето на Реал Мадрид и дека овој клуб засекогаш ќе биде негов дом“, се вели во соопштението на шпанскиот гигант.

Тој го водеше Реал од клупата во 263 наврати, оствари 174 победи и освои две титули и два Суперкупа во Шпанија, три трофеи во Лигата на шампионите, два трофеи на УЕФА Суперкупот, додека во два наврати беше и светски шампион Кога сè ќе се собере, тој освојуваше трофеј во просек на секои 24 натпревари. Импресивен настап, за кратко време прерасна во еден од најдобрите европски тренери, ќе видиме каде ќе го однесе патот понатаму.

Кога станува збор за клупата на Реал, според пишувањата на шпанска „Марка“, на масата остануваат уште две опции. Фаворити за испразнетото место на главниот тренер на „белиот балет“ се легендарниот Раул Гонзалес и поранешниот тренер на милански Интер – Антонио Конте.

Слични содржини