Охрид СОС предупредува дека новиот Закон за легализација на дивоградби е штетен

од Ивана Рамаданова

Еколошкото здрожение Охрид СОС предупредуваат дека утре на седница на Владата ќе биде разгледан новиот Предлог-закон за легализација на дивоградби, кој, според нив, се очекува да се усвои до крајот на годинава.

„Последната достапна верзија од измена и дополна на законот е од 25 октомври 2019 година, каде што освен енормно намалување на глобите за прекршување на законот, нема никакви посебни измени, особено не поврзани со Охридскиот Регион! Тоа значи дека новиот Предлог-закон воопшто не е ни поставен на ЕНЕР! Јавноста е целосно отсечена и целосно ѝ е одземено правото да учествува во процесот на усвојување на еден од најштетните закони во Македонија! Затоа, бараме веднаш да биде јавно објавен новиот предлог-текст!“, пишуваат на својот фејсбук профил Охрид СОС.

Тие го предупредуваат Министерството за транспорт и врски дека доколку предложи носење на законот по итна постапка во Собранието, ќе го прекрши чл. 170 од Деловникот на Собранието на РМ имајќи ја предвид комплексноста на законот и последиците кои би можеле да произлезат од неговото спроведување.

„Прашуваме, колку градежни инспектори (и општински и државни) во моментов имаат надлежност над Охридскиот Регион и на кој начин се определува нивниот број? Имајќи ја предвид исклучителната вредност на Регионот, бараме зголемување на бројот на градежни инспектори што активно работат на терен во корист на јавниот интерес и во служба на законите со цел бесправното градење да се сузбие наместо да се озаконува. Во продолжение само три клучни од низата дилеми поврзани со нетранспарентниот процес на усвојување на законот. Прво, ако овој закон нема да важи за Охридскиот Регион, тогаш кој закон ќе важи? Второ, како ќе се третираат новоподнесените барања за легализација во Охридскиот Регион од 01.01.2019,  имајќи предвид дека со актуелниот закон се опфатени само барањата до 31.12.2018? И трето, охридскиот УНЕСКО Регион се протега на територија на три општини, но не ги зафаќа во целост. Како ќе се регулира легализацијата во овие општини во деловите надвор од УНЕСКО Регионот без да настане хаос поради грешки или манипулации?“, пишуваат Охрид СОС.

Слични содржини