Откако за утре во Скопје е најавен протестен „Марш за ангелите“ што го организираат семејствата на загинатите во трагичниот пожар во клубот „Пулс“ во Кочани, со реакција се огласија од Основното јавно обвинителство. Ги покануваат на средба претставниците на семејствата кои би сакале подетално да се запознаат со сите аспекти на истражната постапка.
-Во текот на утрешниот најавен протест на семејствата на жртвите во пожарот во кочанската дискотека “Пулс”, Јавното обвинителство поканува на средба со претставници на семејствата кои би сакале подетално да се запознаат со сите аспекти на истражната постапка. Доколку кај блиските на жртвите постои таков интерес, тие можат да определат свои претставници (најмногу по еден член од семејство на секоја од жртвите) кои ќе остварат средба со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и обвинителите кои постапуваат во предметите, стои во соопштението на ОЈО.
Маршот ќе почне во 12 часот и 05 минути како симболика за задоцнета реакција и тоа од пред Oбвинителство, ќе продолжи кон плоштадот „Македонија“ и ќе заврши пред Собранието.
„Ние заслужуваме одговори, ние не сме познавачи на правото и на законските процедури и затоа не разбираме како познавачите на правото притвораат па пуштаат, па свесни ли се дека и онака целосно разнишаната доверба во досегашното институционално работење со фати па пушти без да имаме јасно образложение за таа законска процедура што се создава во нашите мисли кои и онака се на работ на себеуништување“, истакнаа семејствата во писмено соопштение.
Пред два дена улиците во центарот на Кочани беа исполнети со нема протестна поворка, со бројни родители кои со фотографии од децата бараат правда за нив. Мајките на загинатите ги прозваа и обвинителите, инспекторите, министерот за внатрешни работи и директорот на БЈБ и прашаа зошто ги штитат виновниците. Обвинија и дека дел од нив добиваат закани.