ОЈО: Покренат обвинителен предлог и изречени казни за употреба на фалсификувани ПЦР тестови

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против маж и жена, државјани на Република Германија по потекло од Косово, кои се товарат за кривично дело – Фалсификување исправа од член 378 став 1 од Кривичниот законик.

На 22 февруари, на Меѓународниот аеродром Скопје, на граничниот премин при излез од државава, пред овластените службени лица за проверка на пасошите, двајцата сопружници употребиле лажни потврди за негативни ПЦР-тестови за SARS-CoV-2 вирус. Иако знаеле дека потврдите на кои стоело дека се издадени од една лабораторија во Скопје се лажни, тие ги прикажале како вистински.

По признание на вина, Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда за двајцата обвинети, огласувајќи ги за виновни и им изрече условна осуда – казна затвор во траење од две години, која нема да се изврши доколку обвинетите за време од пет години не сторат ново кривично дело. Во исто време, на обвинетите им е изречена и казна – протерување од територијата на Република Северна Македонија во траење од пет години.

Слични содржини