ОЈО: Се проверуваат наводите на ВМРО-ДПМНЕ за кривични дела поврзани со изборите

од Nikola Popovski

Откако ВМРО-ДПМНЕ вчера ги објави имињата на полицајци, чија задача, според нивните обвинувања, „била да малтретира членови на нивната партија за време на локалните избори,  денес Јавното обвинителство на Република Македонија истакна дека Комисијата за следење на изборни нерегуларности постапува по сите примени поднесоци, пријави, како и сознанија за евентуално сторени кривични дела поврзани со организирањето и спроведувањето на изборите.

-Се проверуваат наводите. Доколку се утврдат елементи на сторени кривични дела, да се постапи согласно законските надлежности, велат од ОЈО.

МВР вчера категорично ги отфрли како невистинити сите обвинувања за наводно „координирано следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе”.

-Ја информираме јавноста дека МВР нема креирано таква вибер група и дека активностите на МВР и во Прилеп и во било кој друг град не се координираат преку вибер групи.

Во исто време, после направена проверка на статистиката за возила испратени на технички преглед, информираме дека тој ден во Прилеп нема испратено возило на технички преглед, ниту пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле.

МВР веднаш започнува внатрешна истрага за утврдување на фактите, имајќи предвид дека вибер групи или графички прикази од вибер групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого, и имајќи предвид дека до МВР не е пристигната ниту една пријава од граѓанин за дејствија во Прилеп на денот на изборите какви што беа презентирани на прес – конференцијата, додаваат од МВР.

 

Слични содржини