Околу 100.000 луѓе ги напуштиле домовите по офанзивата на Турција на северот во Сирија

од desk3

Околу 100.000 луѓе ги напуштиле своите домови на северот на Сирија, се наведува во извештајот од Обединети нации, а Турција продолжува да ги зголемува нападите во објаста, контролирана од курдските сили.

Многу лица се кријат во училиштата и зградите во градовите Ал Хасакех и Тал Тамер, тврдат претставниците на ОН.

Нападот на Турција на Сирија почна во средата, откако американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече трупите од таа област.

До сега, според податоците на хуманитарната организација, загинаа 11 цивили, а се проценува дека бројот на жртви е значително поголем.

Десетици борци од курдската борбена организација СДФ, како и бунтовниците поддржани од Турција, загинаа во досегашните борби.

Турската армија, исто така, потврди и за прва смрт на свој војник. Аналитичарите тврдат дека одлуката на Трамп претставувала зелено светло за Турција да тргне во напад.

Сириската влада нема контрола на овој дел од државата уште од 2011 година кога почна граѓанската војна. Четири години подоцна контролата над северниот дел на Сирија ја презема Сириските демократски сили (СДФ).

Овие формации беа главен американски сојузник претходните години, додека пак Турција ја смета за терористичка организација.

Турската влада тврди дека сака да обезбеди безбедна зона „исчистена“ од припадниците на курдските милиции во северниот дел на Сирија.

Едно од прашањата кое предизвикува најмногу загриженост е тоа што ќе се случи со 1. 000 осомничени борци на Исламската држава во затворот под курдска контрола. Значителен дел од осомничените се странски државјани.

Слични содржини