„Олд Трафорд“ со овации го пречека Роналдо

од Vladimir Zorba

Кристијано Роналдо се појави на „Олд Трафорд“ и стартуваше за Манчестер Јунајтед на денешниот тест против Рајо Ваљекано, кој започна во 17 часот (0:0 на полувреме). Ова е последниот тест за тимот пред почетокот на сезоната во Премиер лигата за една недела и ќе се игра пред распродадената публика во Театарот на соништата.

За 37-годишниот напаѓач ова се деби минути од летото, бидејќи тој воопшто не се појави на тренинг-кампот, а пред само неколку дена се врати во Манчестер и тренираше со резервите.

Јавна тајна е дека Роналдо се обидува да договори преселба во клуб кој ќе игра во Лигата на шампионите, но без разлика, новиот менаџер на Јунајтед Ерик тен Хаг не покажува лоши чувства кон него и сака да го задржи во својот тим.

Кристијано попладнево беше одлично примен и од навивачите пред стадионот, кои дури и му аплаудираа, а самиот играч даваше автограми. На самото појавување на CR7 на теренот за загревање, речиси сите на трибините почнаа да му аплаудираат.

Топло добредојде имаше и Тен Хаг, кој првпат се појави на Олд Трафорд во улога на менаџер на клубот.

Манчестер Јунајтед вчера загуби со 1-0 од Атлетико Мадрид на уште еден тест одигран во Осло. Денешните стартни 11 се сосема нови во однос на предметниот меч во Норвешка.

Стартна 11-ка на Манчестер Јунајтед: Хитон, Лерд, Варан, Мартинез, Телеш, Гарнер, Ериксен, Ван де Бек, Чонг, Гарначо, Роналдо

Слични содржини