Мисијата на Обединетите нации во БиХ повика на итен прекин на присилното протерување на бегалците кои бараат азил на границата со Хрватска, по случајот со 50 „видно исцрпени“ лица минатата недела.

Мисијата на ОН соопшти дека нејзините претставници, како и членовите на невладините организации, во петокот се сретнале со група оскудно облечени луѓе во близина на хрватската граница со рани на телата, објави АП.

Мигрантите рекле дека им биле одземени мобилните телефони, парите и предметите кога се обиделе да ја преминат границата со Хрватска.

Потоа, како што додава АП, тие биле претепани со палки и биле вратени во Босна и Херцеговина, а здравствените работници од невладините организации пружиле итна медицинска помош на половина од мигрантите.

Хрватските власти негираат употреба на физичка сила против мигрантите кои се обиделе да влезат во Европската унија од БиХ.

Колективното враќање на луѓето од земјата без увид во нивната состојба е нелегално според Европскиот договор за човекови права.

Илјадници мигранти се во Босна и Херцеговина во обид да стигнат до Западна Европа, а многу од нив се пожалија на незаконски и насилни потези на хрватските гранични сили, додава „Асошиејтед прес“, пренесе Танјуг.

Мисијата на ОН во БиХ истакна дека „насилното враќање и колективното протерување се забранети со меѓународното и европското право“.

„Апелираме до државите да го испитаат инцидентот што се случи на 2 април и извршителите на тие дела да бидат соодветно санкционирани“, соопшти мисијата на ОН.

Слични содржини