ОН: Извршен геноцид врз Јазидите во Ирак

од Stefanija Kuzmanovska

Тимот на Обединетите нации што ги истражува злосторствата на Исламската држава Ирак и Левант (ИСИЛ) во Ирак откри „јасни и убедливи докази дека злосторствата против Јазидите може да се сметаат за геноцид“, рече шефот на истражната комисија, пренесе „Хина“.

Карим Кан пред Советот за безбедност на Обединетите нации изјави дека тимот што започнал истрага во 2018 година исто така ги идентификувал сторителите „кои се јасно одговорни за геноцидот врз Јазидите“.

Јазидите се религиозна група чии верувања се темелат на елементи на неколку древни блискоисточни религии. Следбениците на ИСИЛ ги сметаат Јазидите за обожаватели на ѓаволот.

Кан, британски адвокат, кој следниот месец ќе стане обвинител во Меѓународниот кривичен суд, рече дека намерата на ИСИЛ е „физички и биолошки да ги уништи Јазидите и дека оваа намера се рефлектира во ултиматумот поставен во многу села во Ирак – да се преобратат или да умрат“.

Исламската држава на Ирак и Левант ги нападна областите на Јазидите во северен Ирак во 2014 година, принудувајќи ги младите жени на ропство и прифаќајќи ја улогата на „сопруги“ на борците, масакрирајќи илјадници луѓе и раселувајќи поголем дел од групата од 550.000 луѓе. Во 2016 година, Независна истражна комисија на Обединетите нации го опиша тоа како геноцид.

Слични содржини