ОН: Светската популација на 15 ноември ќе достигне осум милијарди

од Stefanija Kuzmanovska

Населението на светот ќе достигне осум милијарди луѓе на 15 ноември, според проекцијата на Одделот за економски и социјални прашања на Обединетите нации објавена денеска.

Исто така, се предвидува дека во 2023 година Индија ќе ја престигне Кина како најнаселена земја во светот.

„Додека го очекуваме раѓањето на осум милијардитиот жител на Земјата… тоа е потсетник на нашата заедничка одговорност да се грижиме за нашата планета и да одвоиме момент да размислиме за точките каде што сè уште не ги почитуваме обврските што ги имаме“, се вели во изјавата на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Ова, како што додаде, е исто така „можност да ја славиме нашата различност, да ја препознаеме нашата заедничка хуманост и да се восхитуваме на напредокот на здравствената заштита што го продолжи животниот век и значително ја намали стапката на смртност на мајките и децата“.

Според прогнозата на одделот на ОН, светската популација расте побавно отколку во 1950 година. Светското население би можело да достигне околу 8,5 милијарди во 2030 година и 9,7 милијарди во 2050 година со врв од околу 10,4 милијарди луѓе во 2080-тите, кога се очекува да остане на тоа ниво до 2100 година.

Иако е забележан јасен пад на плодноста во неколку развиени земји, повеќе од половина од очекуваниот пораст на населението во наредните децении ќе биде концентриран во осум земји: Демократска Република Конго, Египет, Етиопија, Индија, Нигерија, Пакистан, Филипини и Танзанија, наведуваат Обединетите нации.

Слични содржини