Онлајн петиција: Да се смени името на улицата пред руската амбасада во Скопје во „Украинска“

од Nikola Popovski

Украинската амбасада во државата апелира до граѓаните да ја поддржат Украина со промена на адресата на руските амбасади и конзулати во „улица Украинска“ низ целиот свет.

Уште од вчера, украинската амбасада потенцира дека жителите на Македонија се повикани да потпишат петиција за преименување на улицата „Пиринска“, на која се наоѓа Руската амбасада во Скопје, во улица „Украина“.

-Ова би бил симболичен чин на поддршка за украинскиот народ, кој ја брани својата независност во војната што ја започна Русија. Кампањата „улица Украинска“ го повикува целиот свет да ја направи Украина дел од нејзините главни градови и тие ја гледаат оваа иницијатива како многу моќен начин да одговорат на обидите на Русија и Владимир Путин ефикасно да ја поништат Украина и украинската култура, истакнаа од амбасадата.

-Додека ја читате оваа Петиција, 40-милионскиот народ на Украина се бори за својата слобода од руската агресија. Луѓе од најразлични професии се наоружуваат за да ги зачуваат своите родни градови, илјадници волонтери се приклучуваат кон вооружените сили храбро да ја бранат својата држава. Цивилите ги минуваат ноќите во засолништа,бидејќи резиденталните области во Киев и во другите градови се цели на гранатирања со армиски ракетни напади.

Живеејќи далеку од Украина понекогаш е тешко да се открие начинот на кој може да се пружи поддршка на народот врз кој е извршена инвазија. Сепак, има едно нешто кое може да се направи, а тоа е да се поддржи кампањата за преименување на улицата Пиринска во улица Украинска. Ова е мал но многу значаен акт на симболична поддршка за храбриот украински народ, кој ги брани вредностите на слобода и демократија од втората најмоќна воена сила во светот, стои во онлајн петицијата.

Интернет страницата на кампањата содржи линкови до петиции за преименување на улиците со руските амбасади и конзулати во 33 земји во светот.

Слични содржини