„Опасно е што Мицкоски ја прифаќа доктрината, светогледот, идеолошката матрица на Михајлов како своја, сопствена, како дел од континуитетот на ВМРО“

од Nikola Popovski

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера го повтори неговиот став дека Ванчо Михајлов е дел од континуитет на партијата, за кој пак е познато дека соработувал со фашистичките и нацистички структури.

Тој посочи дека  за некои работи не се согласува со тоа како соработникот на фашистите ја управувал таа партија или организација во тоа време, но смета дека тоа е континуитет на една организација која што во современото време станува политичка партија.

Дел од партиите и политички аналитичари се вчудоневидени од ваквиот став на претседателот на најголемата опозициска партија.

Пратеничката на ЛДП и кандидатка за нов лидер на партијата, Моника Зајкова во изјава за „Локално“ вели дека „не ѝ е јасно како еднаш се осудува отворањето на клуб со такво име и провокација, а во исто време велат дека е континуитет на луѓе кои што биле извршители на Третиот рајх“.

Моника Зајкова

Моника Зајкова

-Едната изјава со другата се коси. Треба да се одлучат. Разбирам за наследството и товарот што го носат, но треба да бидат гласни дали го осудуваат чинот и бараат да се постапува согласно законот или остануваат на наследството со тоа минато. Нема доследноста во ставовите. Не знам што е целта што сакаат да ја постигнат, објаснува Зајкова.

Професорот Оливер Андонов вели дека изјавата која ја даде Мицкоски во врска со историската, политичката и општествената улога на Ванчо Михајлов има своја основа во изјавата дадена на интервјуто за Канал 5 од пред една недела, а последната изјава требаше да биде негово појаснување на претходната изјава.

„Во овој контекст на постојано нестабилни или неконзистентни изјави на Мицкоски за сенешто може да очекуваме повторна промена на неговиот став, односно повторно дополнително дообјаснување. Од таа причина неблагодарно е од етички причини кон македонските граѓани, а во исто време политички сосема непотребно, да се дава коментар на изјавите на Мицкоски, па така и во врска со оваа или поточно овие изјави поврзани со Ванчо Михајлов“, истакнува тој за „Локално“.

Според него, во овој контекст треба да се гледа и изјавата на Мицкоски насочена кон бугарските клубови во Македонија, а низ таа призма и кон односите помеѓу Македонија и Бугарија при што не е поврзано само со личностите чии имињата ги носат клубовите туку задира во други аспекти за што е потребна поширока и посеопфатна елаборација на односите на релација Македонија-Бугарија и секако причините, мотивите и пред се последиците.

Оливер Андонов

Оливер Андонов

-Конкретно, кога зборуваме за Ванчо Михајлов, треба да се повикаме и да ги земеме предвид сите факти на неговото делување, историски околности, политички ставови во однос на македонскиот народ, Македонија како држава и македонската нација, но и неговите лични чувства како тој се чувствувал според народносна припадност, како и каде е роден и каде работел и делувал во определени историски моменти. Неспорен факт е дека Ванчо Михајлов во целиот свој живот се изјаснувал како Бугарин, како што е факт дека секогаш се залагал за обединета самостојна Македонија, никогаш нема кажано дека Македонија треба да се обедини со Бугарија. Сепак, историчарите треба да се изјаснат по однос на Ванчо Михајлов. Историскиот лаицизам на Христијан Мицкоски што се гледа и преку неговото неточно толкување на историската позиција на други личности од македонската историја и пред се обидот да се поистовети со одредена историска личност, која е на негативните страници од македонската историјата, е жалостен обид за себеидентификација. Бидете сигурни дека оваа актуелна самоидентификација во обид, бргу бргу ќе ја надмине како што ја надмина и претходната, по што ќе се префрли на Тодор Александров“, додава соговорникот.

Андонов вели дека „многу е индикативен обидот на Мицкоски да поставува дилема за тоа како била водена организацијата во историјата, а во исто време и самиот себеси да се става во иден историски контекст за анализа на неговото „успешно“ работење-водење на партијата и тоа претставува лична перверзија на Мицкоски кон членството на ВМРО-ДПМНЕ чие внимание и симпатии сака да ги освои“.

-Улогата на Ванчо Михајлов во рамките на ВМРО (онаа историското до 1934 година) е јасна, како и неговите политички ставови, но за што очекувам да се изјаснат историчарите како што рекив, а не политичарите кои невешто како Мицкоски ќе манипулираат обидувајќи се да преземат дел (секако оној кој него му одговара за актуелните дневно-политички интереси) За мене нејасни се две работи во современиот контекст на Македонија и пред се на ВМРО-ДПМНЕ:

1. Зошто современото ВМРО-ДПМНЕ се уште се занимава со историскиот континуитет на партијата поврзувајќи ја најдиректно со организацијата кога ВМРО е македонски национален код кој не зависи од политичката идеологија? (при тоа, оваа мое прашање не треба да се поврзува со квази анализите на Мицкоски околу “тенденцијата” за укинување на употребата на акромимот ВМРО)

2. Дали Мицкоски има намера да продолжи да се занимава со квази историски толкувања на ликот и делолото на историски личности од нашата македонска историја, при тоа создавајќи конфузија не само во однос на историјата туку уште повеќе во однос на современието и иднината на Македонија, наместо да си замине од ВМРО-ДПМНЕ и да овозможи да ја демократизораме, ревитализираме и осовремениме ВМРО-ДПМНЕ во ликот на современа европска десна политичка партија?, прашува професорот.

Според него, толкувањето на ликот на Ванчо Михајлов низ една историско-идеолошка и пред се национална, напоменувам национална ретроспектива не е изолирано од останатите наши историски личности, посочува Андонов.

Околу изјавата на Мицкоски, прокоментира и политичкиот аналитичар Тони Науновски. Тој во разговор за „Локално“ вели дека може да објасни на два начини.

-Или како непознавање на автентичната историја на ВМРО и површни идеологизирани рецепции на историските факти – тоа со оглед на континуитетот на такви изјави на дотичниот воопшто не би било чудно, токму напротив. Или, во посериозна и полоша варијанта како уште едно предупредување до Македонскиот народ дека истиот и тие околу него кои за жал го имаат печатот на ВМРО (ДПМНЕ) и парите од касата, се латентна опасност дри и за колективната егзистенција на Македонскиот народ , ако скраја да е еден ден успеат да седнат на фотељите во државната власт, наведува Науновски.

Тој е оценува дека опасно е што актуелното раководство на најголемата опозициска партија,„ која заради манипулативни гласачки интереси се уште се претставува како наследник на историското ВМРО ја прифаќа доктрината, светогледот, идеолошката матрица на Иван (Ванчо) Михајлов како своја, сопствена, како дел од континуитетот на ВМРО“.

– Тоа е скандалозно и мора да биде уште еден  аларм за здраворазумските членови на таа партија да го сменат раководството. Па, секој средношколец ги знае историските факти –  дека од самото создавање на МРО во 1893 година во Солун таму имало пробугарско влијание, се до влегувањето на Гоце Делчев во Организацијата, кој за наша среќа успеал да ја трансформира во Организација на самиот Македонски народ, преку фиксирање на целите посебно по Солунскиот конгрес во 1896 година (со новиот Устав кога се исфрла поимот бугарски и го добива името ТМОРО). Историски факт е дека во рамките на Организацијата се бореле автентично македонската струја и онаа која била пробугарска односно сметала дека Маедонците имаат бугарски идентитет. Солунската афера од 1901 година, кога намерно била оставена македонската струја во Организацијата да биде уапсена со цел доминација на пробугарските членови и превземањето на раководството од страна на Иван Гарванов, некако потсетува на некои понови контроверзни состојби во раководството на ВМРО дпмне. Дури на Рилскиот конгрес Организацијата се враќа на македонски позиции, и оттаму настанува МОРО, за разлика од пробугарското ВМОРО, образложува Науновски.

Соговорникот додава дека „несомнено е дека по превземањето на Организацијата во 1924 година од страна на Михајлов, со  убиството на контроверзниот и не секогаш доследен на Македонизмот Тодор Александров, и за кое постојат податоци дека е нарачано од тогашната бугарска влада, започнува тешка деценија за македонскиот народ и Организацијата, бидејќи за смртта на Александров намерно била обвинета Македонската левица, и во септември истата година во Пиринска Македонија биле убиени дури 160 претставници на Организацијата“.

-По 1928 година и убиството на Александар Протогеров и  поделбата на Оранизацијата на михајловисти и протогеровисти, проследено со меѓусебни крвави пресметки, како и податоците дека воспоставил диктаторски режим во пиринска Македонија се до 19 мај 1934 година, се поврзани со името на Иван Михајлов. По 1934 година и ликвидирањето на врховистичкото ВМРО, борбата за Македонија се водела преку коминтерната и комунистичкитедвижења. За изјавите и мемоарите за некакви„ македонистички говеда“, за некаква си „Швајцарија на Балканите“, соработката со Хитлер и Павелиќ, итн. знае и секој осмоодделенец  во Македонија, па би требало да знае и т.н. „лидер“ на ВМРО дпмне, нели. Така што, како заклучок од оваа чудна изјава, наместо да се приклучува кон таа струја на Организацијата односно историското ВМРО која е со јасни пробугарски ставови, дотичниот конечно треба да си даде оставка и Организацијата да се врати кон автентичното ВМРО односно Македонизмот и трансисториските парадигми на Македонскиот народ, порачува аналитичарот и професор.

Нола Исмајлоска

Нола Исмајлоска

Со став се обрати и националната координаторка за регионална соработка и европски интеграции Нола Исмајлоска Старова.

Таа за „Локално“ истакна исто не се согласува со ставовите на Мицкоски, велејќи дека „никогаш не било поочигледно дека не припаѓаме во исто друштво“.

Н.П.

Слични содржини