ОПЕК го намалува производството на нафта

од Nikola Popovski

Групата земји извознички на нафта „ОПЕК Плус“, во која спаѓа и Русија, одлучи денеска да го намали производството на нафта и со тоа да влијае на растот на цените, потег што може да и нанесе нов удар на глобалната економија и да ги зголеми цените на горивата на пумпите околу светот.

Министрите за енергетика на земјите производители на нафта денеска се договорија да го намалат производството за два милиони барели дневно почнувајќи од ноември, што е повеќе од очекуваното. Членовите на картелот се сретнаа во нивното седиште во Виена за прв пат во живо од избувнувањето на пандемијата со Ковид-19 во 2020 година.

„ОПЕК плус“ објави дека одлуката е заснована на „неизвесноста околу предвидувањата на глобалната економија и на нафтениот пазар“.

Министерот за енергетика на Саудиска Арабија Абдулазиз бин Салман укажа на прокламираната улога на нафтениот картел како чувар на стабилните енергетски пазари и им рече на новинарите во Виена: „Ние остануваме умерена сила за да донесеме стабилност“.

Влијанието на намалувањето на производството врз цените на нафтата – а со тоа и врз цените на бензините направени од сурова нафта – сепак ќе биде донекаде ограничено, бидејќи членките на „ОПЕК плус“ и онака не можат да ги исполнат сопствените квоти.

Одлуката за намалување може да и помогне на Русија, членка на таа алијанса, да ја надмине се поизвесната европска забрана за најголемиот дел од нејзиниот увоз на нафта. Одлуката доаѓа во време на енергетска криза создадена од Русија со намалувањето на испораките на природен гас за Европа, за што нејзините лидери велат дека е одмазда од Москва за поддршката на Украина – целта на руската инвазија – и воведувањето санкции кон Русија.

Цените на нафтата, а со тоа и цената на бензинот на пумпите, е чувствително политичко прашање во САД пред претстојните парламентарни избори.

„Претседателот (САД, Џозеф Бајден) е разочаран од кратковидната одлука на „ОПЕК плус“ да ги намали производните квоти додека глобалната економија се бори со континуираните негативни последици од инвазијата на Путин на Украина, објави вечерва Белата куќа.

Како што се додава, „таа одлука ќе има многу негативни последици за земјите со пониски и средни приходи, кои веќе се борат со повисоки цени на енергијата“, а администрацијата на Бајден ќе работи со американскиот Конгрес на дополнителни мерки за намалување на контролата на ОПЕК врз цените на енергенсите.

Високата инфлација е голема грижа за Бајден и ги намалува шансите на Демократската партија на САД за успех на среднорочните избори во ноември.

Понудата на нафта би можела дополнително да се намали во наредните месеци со најавената европска забрана за речиси целиот увоз на нафта од Русија.

Слични содржини