Оперативец на ЦИА: Никој нема да признае дека чувале воени експлозиви во пристаништето

од Vladimir Zorba

Ова не е само амониум нитрат, изјави поранешен оперативец на ЦИА за експлозијата што го зафати Бејрут и однесе најмалку 100 животи, додека повеќе од 4.000 лица беа повредени.

Роберт Баер, поранешен оперативец на ЦИА со долгогодишно искуство на Блискиот исток, рече дека видеата од експлозијата во Бејрут покажале дека е можно да имало амониум нитрат во магацинот, но „тој сигурно не е одговорен за огромната експлозија“.

Првите извештаи за трагедијата велат дека имало 2.750 тони амониум нитрат во магацинот во пристаништето во Бејрут, вештачко ѓубриво кое се користи и при правење експлозиви. Повеќе од 100 луѓе загинаа во експлозија што се слушна дури и на Кипар, оддалечен околу 200 км. Премиерот на Либан Хасан Диаб претходно изјави дека аммониум нитрат е оставен во магацинот шест години, загрозувајќи ги граѓаните.

Баер, од друга страна, смета дека станува збор за воена муниција. Тој се сомнева дека станува збор за складиште за оружје, но не е јасно кому му припаѓал.

„Јасно е дека станува збор за воен експлозив. Не е ѓубриво во прашање. Јас сум прилично сигурен во тоа. Кога ќе ја погледнете портокаловата огнена топка, јасно е дека станува збор за воен експлозив“, вели Баер, додавајќи дека белиот прав што се гледа на снимките од експлозијата е показател дека амониум нитрат бил присутен и дека е запален. Тој, исто така, истакна дека „голема количина муниција експлодирала пред поголемата експлозија“.

Оперативецот додаде дека сè уште нема докази дека станува збор за напад. Либанската влада ја обвини експлозијата за „лошо управување со магацинот“ и вети дека ќе ја испита позадината на приказната.

„Речиси да изгледа како инцидент. Тоа е неспособност, можеби е корупција во прашање, но прашањето е дали станува збор за воен експлозив, за кого е наменет и зошто е складиран таму“, се прашува Баер.

Тој се сомнева дека некогаш ќе ја дознаеме вистината за вистинските причини за експлозијата.

„Работев во Либан со години и никој нема да признае дека тие чувале воени експлозиви во пристаништето. Тоа е глупаво нешто што некој го сторил“, додава тој.

Слични содржини