Опозицијата со резерви за предлогот на Османи за нов „рамковен договор“ за ЕУ

од Destan Jonuzi

Опозициските партии и дел од јавноста ја сметаат за задоцнета идејата на шефот на дипломатијата Бујар Османи за нов „рамковен договор“ за ЕУ.

Ивица Боцевски

Ивица Боцевски

– Задоцнета изјава! Во текот на првата половина на 2022 година, додека Претседателот, Премиерот и МНР Бујар Османи тајно и кришно го преговараа предлогот Ковачевски – Петков (погрешно наречен „француски предлог“), опозицијата и интелектуалците бараа вклучување на целото општество и на сите институции во изработка на платформа за разговори со Бугарија и јавност при преговорите. За жал, сите вклучени чинители прво лажеа дека воопшто не се одвиваат преговори, па потоа се обидоа да ги оцрнат протестите на граѓаните, за сега да бараат некаков „рамковен договор“. Ова е во најмала рака нечесно, а јас би употребил и далеку пожестоки зборови, изјави за „Локално“, Ивица Боцевски – поранешен вицепремиер и амбасадор.

Позицијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзината коалиција е дека на државата не и треба нов „рамковен договор“ за ЕУ, туку нов договор за Македонија напредна и успешна држава со сериозни европски стандарди и европска политичка култура.

Антонио Милошоски

– Позицијата на ВМРО-ДПМНЕ, пратеничката група и коалицијата е дека не ни треба нов „рамковен договор“ за Еу декларативен, туку треба нов договор за Македонија напредна и успешна држава со сериозни европски стандарди и европска политичка култура во Владтата, Собранието и помеѓу владата и опозицијата. Повикот на министерот Бујар Османи за обединување и нов „рамковен договор“ за ЕУ касни најмалку пет години, затоа што ние како опозиција предупредувавме кои ќе бидат последиците од несодветниот чекор на потпишување на договорот за добро сосетство со Бугарија, кои што сега е извор на различни провокации и тензии во македонско-бугарските односи, но и во самото општество. Ако ЕУ е прашање за национален консензус, тогаш главниот преговарач на државата со Европската унија требало да биде избран исто така со национален консензус за да може сите политички чинители, но и невладини организации да имаат доверба во таквата личност, а не тоа да биде еден партизиран процес каде што Владата има едиствена доминација, изјави за „Локално“, Антонио Милошоски – актуелен пратеник и поранешен шеф на дипломатијата.

Лидерот на Алијасата за Албанците, Арбен Таравари за предлогот на шефот на дипломатијата Бујар Османи за нов „рамковен договор“ за ЕУ помеѓу партиите на власт и опозицијата, вели дека Охридскиот договор е историски договор кој донесе онолку добро колку што и беше злоупотребен.

Арбен Таравари

– Охридскиот договор е историски договор кој донесе онолку добро колку што и беше злоупотребен. Од друга страна, интеграцискиот процес во Европа е апсолутна неопходност за земјата и во оваа точка се согласувам со господинот Османи, но начините веројатно треба да бидат поконкретни и попосветени на најважниот пат што го имаме, а тоа е еден кон ЕУ, изјави Таравари за „Локално“.

Движењето БЕСА околу предлогот на шефот на дипломатијата Бујар Османи го сметаат како проект за политичко профитерство. Од ова партија во изјава за „Локално“ велат дека на државата ѝ треба „рамковен договор“ за борбата против корупција и криминал.

Фарук Авдиу

Фарук Авдиу

– Движењето БЕСА нема никакви дилеми околу евро-интеграциската ориентација на државата така да нашата заложба одтанува константна и непроменета во таа насока и секако нема да дозволиме политичко профитерство од страна на власта преку вакви иницијативи. На државата и треба „рамковен договор“ за борбата против корупција и криминал каде што Владата воопшто не е ангажирана, се друго е само политичка фарса за добивање на дневни политички поени од страна на власта, изјави за „Локално“, Фарук Авдиу – портпарол на Движењето БЕСА.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи упати апел до опозицијата што поскоро да се седне на заедничка маса и партиите да потпишат договор со кој ќе дадат поддршка на агендата на ЕУ.

– Ни треба нов „рамковен договор“ за ЕУ, со кој партиите ќе се усогласат дека ќе ги поддржат прашањата кои се однесуваат на Унијата. Директивите на ЕУ мора да ги прифатиме, без разлика кој е на власт, изјави Османи.

Д.Ј.

Слични содржини