Општ хаос пред Евробаскетот: Брат избрка брат од репрезентација!

од Nikola Popovski

Марсел Понитка, сега веќе поранешен репрезентативец на Полска, го обвини својот брат Матеуш дека го исфрлил од репрезентацијата за претстојното Европско првенство (од 1 до 18 септември).

Раздорот во Полска започна со кавгата помеѓу Матеуш Понитка и Марчин Гортат, поранешен ас во НБА лигата, а потоа Понитка реши да ги заостри односите и во сопственото семејство.

Тој беше на удар на критики пред неколку месеци кога реши да се врати во Зенит Санкт Петербург (може да го раскине договорот без санкции) и покрај тоа што Русија започна војна во Украина.

Сега неговиот брат Марсел откри кој го отстранил од репрезентацијата, што ја шокираше полската јавност.

„Добив информација дека селекторот нема проблем со мене, но Матеуш не сакаше да ме прими во тимот“, изјави Марсел.

Потоа појаснил дека неговиот брат немал образ да се соочи со него.

„Не се чувствувам виновен за целата оваа ситуација и не разбирам зошто Матеуш по секоја цена ме дискредитира и ми застанува на патот на мојата кариера. Немам што да кријам. Ако Матеуш се чувствува загрозен, подобро е да седнете на иста маса и да се разговара за се како двајца мажи, а не да играме игри“, додал помладиот Понитка.

Сепак, спротивно на претходната изјава, тој сепак сака да игра со својот брат.

„Да, секако. Секогаш отворено зборував за тоа, а тренерот и Сојузот многу добро го знаат тоа. Трпеливо го чекам ветениот состанок, кој капитенот толку често го избегнува. Би сакал Матеуш да се однесува како професионалец и во оваа работа да се разјасни ситуацијата, за доброто на целата заедница, и еднаш засекогаш да престане со шпекулациите“.

Слични содржини