Општина Гази Баба одбележа 43 години од своето постоење

од Hristina Nikolovska

Со повеќе настани општина Гази Баба одбележа 43 години од своето постоење. Одбележувањето на Денот на општината почна со свечена седница на Советот на општината, каде беа доделени стипендии за талентирани ученици и спортисти, како и наградите за најдобрите творби и цртежи на тема – Мојата општина.

Традиционално во чест на Денот на општината во соработка со Црвениот крст Гази Баба, се одржа крводарителска акција, на која градоначалникот Георгиевски даруваше крв по 31 пат. Тој ја одигра и првата партија шах отворајќи го и меѓународниот шаховскиот турнир на кои учество земаа 120 учесници, од земјава, Србија, Бугарија и Косово.

Во чест на Денот на општината се одржа и проектот „Градиме заедничка иднина” кој е единствен проект во земјава и на едно место ги обединува 400 ученици и нивните наставници од сите 11 основни училишта во општината, од сите еднички заедници. Учениците проектот го отворија со претставата „Кој да го освои срцето на Сара“, а беше презентирана и песната „Мостови на другарство“.

Одбележувањето на Денот на општината заврши со свечена академија, каде пред присутните се обрати градоначалникот Георгиевски кој ги додели и наградите Големата мајка, како најголемо признание на општината за истакнати личности и организации.

Оваа година наградата Големата мајка за хуманост и солидарност ја доби Петар Христов, претседател на ОО Црвен крст Гази Баба кои во својот живот има дарувано 101 пат крв. Наградата за образование ја доби Дејан Ангеловски, професор по физичко, кој е и рекордер во фрлање на копје и ѓуле.

Во категоријата култура наградата Големата мајка ја доби Тоде Спасовски, композитор, сценарист, автор на манифестацијата Ревија на народни носии и песни која традиционално се одржува во Црешево.

Наградата Големата мајка во категоријата млади ја доби Ана Марија Атанасова, која оваа година го освои првото место на Microsoft Office Specialist во Македонија, како и второто место во категоријата Microsoft Office PowerPoint 2013 на светскиот натпревар во САД.

Наградата за заштита и унапредување на животната средина ја доби здружението за доброволна работа „Акцијаши“, чии членови учествуваа на многу еко акции организирани од страна на општина Гази Баба.

Големата мајка во категоријата уметност ја доби уметникот Зоран Тошевски, кој е дипломиран вајар. Наградата за спорт ја доби Светозар Станковски, претседател на Фудбалскиот Сојуз на Гази Баба. Наградата во категорија агар ја доби пчеларство Митревски, пчеларска фирма која работи од 1999 година и е докажан бренд на општината. Во категоријата наука наградата Големата мајка ја доби проф. д-р Зоран Поповски, редовен професор на Факултетот за Земјоделски науки и храна, на катедрата за биохемија и генетско инжињерство. Тој е основач на лабораторииите за биохемија и молекуларна биологија на Факултетот за Наука и храна, како и лабораторијата за протеинска ДНК технологија на Технолошко – Металуршкиот Факултет во Скопје.

Слични содржини