Општина Карпош подготвува кривична пријава против напаѓачот на нивниот службеник

од Aleksandar Todeski

Општина Карпош подготвува кривична пријава против лицето кое во вторникот физички нападна правник од секоторт за урбанизам во обидот да започне јавната расправа за ДУП-от во Карпош, за делот кај Трнодол, велат од таму за Локално.

Освен физичкиот напад врз службеникот од Општина Карпош, нему му бил искршен и телефонот од лица за кои градоначалникот Стефан Богоев во изјава за Локално рече дека се со сомнителна политичка заднина. Хаосот кој настана во салата во Урбаната заедница „Кузман Јосифовски-Питу“. тој го окарактеризира како последица од лажните вести, кои тој секојдневно се обидувал да ги демантира.

Инаку жителите на Трнодол и Жданец имале повеќе средби со градоначалникот Богоев и со претставници од Општината и Град Скопје, во кои им било појаснето дека над Трнодол нема да никне нова населба. Помеѓу документите кои Локално ги доби од жителите е и записникот од одржан состанок на 17 октомври, на кој освен Богоев, присуствувале и други претставници од Општина Карпош, двајца претставници од Град Скопје и две претставнички од „Иванов Инженеринг“. Градоначалникот Стефан Богоев тогаш им презентирал на граѓаните дека на едно од спорните места не е предвидена класата на намена А2, за домување во станбени згради и дека сообраќајното решение е преземено од планот од повисоко ниво.

Граѓаните исто така биле загрижени за поделбата на границите на наслебите и дека со новите граници, од населбата Трнодол биле искучени 40 објекти, кои биле припоени кон Жданец, за што Богоев појаснил дека тоа суштински не значи поделба на населбите ниту теренски, ниту сообраќајни или инфраструктурно и дека истите ќе функционираат онака како што функционирале до сега. Жителите имаат поднесено и иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на Одлуката за носење на Генерален урбанистички план, како и за Регулацискиот план на ГУП-от за четврт Ј03, односно за Трнодол.

Во моментов нема закажано време кога би се одржала јавната справа за ДУП-от за Трнодол, откако последниот обид во вторникот заврши со полициската интервенција. Градоначалникот Богоев претходно рече дека нема да има никаква нова населба над Трнодол, отфрлајќи ги сите лажни вести за истото. Тој рече дека согласно измените, целосно ќе се заштити делот меѓу патот за Трнодол и патот за Жданец, т.н. „чатал“, кој ќе биде со намена Д2 – заштитно зеленило, дел кој претходно бил со намена Д1 – парковско зеленило, како и дека ќе го исполни и предизборното ветување за нов парк, а како што напомена, со предлог ДУП-от се спречува т.н. „дебармаализација“ на Трнодол.

Александар Тодески

Слични содржини