Општина Тетово: Се прекинува наставата, граѓаните да останат во домовите поради пожарот

од Берта Китинска

Општина Тетово во соработка со Секторот за образование одлучи денеска и утре да го прекине образовниот процес поради настанатата состојба по пожарот што денеска избувна во магацин во градот, информираат од Општина Тетово.

Надлежните оттаму упатија и важен апел до граѓаните да останат во своите домови.

-Апелираме и до граѓаните да не излегуваат непотребно од своите домови додека не се подобри состојбата со квалитетот на воздухот.Граѓаните и студентите кои ќе излегуваат надвор за лични потреби, треба задолжително да носат заштитни маски, стои во соопштението на Општината.

Голем пожар изби утрово во кругот на поранешната фабрика „Македонија табак“ на излезот од Тетово.

-Во 09.30 часот во СВР Тетово пријавено е дека настанал пожар во магацин за складирање на производи на тетовска фабрика, лоциран помеѓу улиците „Маршал Тито“ и „Борис Кидрич“ во Тетово. Според првичната пријава нема повредени лица, а екипи на Територијалната противпожарна единица Тетово преземаат мерки за гаснење на пожарот, информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Побарана е и хеликоптерска поддршка.СВР Тетово апелира до граѓаните да се воздржат од непотребно излегување, поминување или задржување на местото на пожарот.

Слични содржини