Општина Центар усвои Стратегија за меѓуетничка интеграција во образованието

од Vladimir Zorba

Советот на Општина Центар на последната, 59-та седница покрај останатите точки, ја усвои и Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество на Општина Центар.

Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество е изработена во рамки на националниот проект за Меѓуетничка интеграција на млади во образованието, кој е поддржан од Министерството за образование и наука, финансиран од USAID, а го реализира Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО). Во првата фаза (во 2019 година), овој проект беше спроведен во вкупно 15 општини, а во 2020 година Општина Центар влезе во втората фаза, односно во следните 15 општини кои треба да ја изработат општинската Стратегија за меѓуетничка интеграција во образованието во траење од 5 години. Унапредувањето на мултикултурализмот и интеркултурализмот, меѓуетничката интеграција и сузбивањето на стереотипите и предрасудите се планираат во годишните програми за работа на училиштата.

Стратегијата содржи конкретни задачи, мерки и проекти кои Одделението за образование на Општина Центар ги концепираше во соработка со училиштата, експерти од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) и менторска поддршка, посети и дискусии со претставници на Град Скопје.

Комисијата имаше задача да изработи Стратегија на Општина Центар за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество, како и Акциски план на Стратегијата, врз кој ќе се темелат акциските планови на основните училишта во општината. Истовремено, Комисијата ќе работи на обезбедување финансиска и логистичка поддршка, учество во реализацијата и следење на МИО активностите и младинските иницијативи во училиштата, информирање на јавноста, изработка на Годишни извештаи од имплементацијата на планот за мерење на постигнувањата во областа на интегрираното образование на подрачјето на општината и доставување на збирни извештаи до градоначалникот и Советот на Општина Центар.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, предложи Нацрт – Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество да биде разгледана и во целост усвоена. Откако советниците ја изгласаа, Одлуката ќе биде објавена во Службен весник на РСМ, истата ќе стапи на сила и ќе започне со реализација.

Слични содржини