Општините мора активно да се вклучат во ублажување на климатските промени

од Vladimir Zorba

Секој од нас секојдневно прави некаков избор, избираме средство за транспорт, извор на електрична енергија затоа мора да научиме дека ќе треба да се откажеме од комфорот и да имаме во предвид намалување на емисиите на стакленички гасови во секојдневните избори. Поточно, да одиме пеш и со велосипед, да штедиме електрична енергија и да користиме енергија од сонцето, да имаме платнена торба за пазарење наместо пластика, да реупотребуваме и да рециклираме, препорачуваат од Еко-свест за денешниот 21 септември – меѓународен Зе Ден за намалување емисии на стакленички гасови.

– 97 проценти од научниците во светот се сложуваат дека климатските промени се предизвикани од човечки активности, односно се последица од емисиите на стакленички гасови во атмосферата. Јаглерод диоксидот е најмногу виновен за климатските промени, а настанува со согорување на фосилни горива (нафта, јаглен, гас). Меѓународниот панел на научници за клима предупреди дека доколку не ги намалиме емисиите на стакленички гасови на глобално ниво светот ќе се соочи со глобално затоплување на температурите од повеќе од 4 степени целзиусови што ќе има катастрофални последици на животот на Земјата и ќе го стави во опасност опстанокот на човекот, истакнува Елена Николовска проектна координаторка во Еко-свест.

Таа потсетува дека за таа цел во 2015 беше потпишан Парискиот Договор со кој државите се обврзаа дека ќе ги намалат емисиите на стакленички гасови за да се задржи порастот на глобалните температури под 2 степени целзиусови- тогаш тие започнаа да поднесуваат национални придонеси кон клима.

– Пред само 4 дена, на 17-ти септември, беше објавена сумарната анализа на сите ревидирани поднесени национални придонеси кон клима и заклучокот е дека не се доволни и дека сеуште се движиме кон затоплување од над 3 степени целзиусови, потребни се повеќе активности и побрзо, вели таа.

Според неа граѓаните мора активно да се вклучат во носењето одлуки од нивен интерес, и да бараме мерки за заштита на нашето здравје и иднината на нашите деца. Секојдневно правиме избори дури и кога немаме изборни процеси во државата и влијаеме на носењето на одлуки. Општините мора да ги земат во предвид стратегиите за енергија и клима и да ги планираат мерките во согласност со овие документи за да можеме да имаме барем шанса да ги намалиме последиците од климатските промени.

– Мора да си признаеме дека нашите општини во моментов не располагаат со капацитет и кадар потребен да ги спроведе овие мерки на локално ниво – и тоа е така веќе подолго време. Потребни се цели сектори со високо квалификувани кадри од областа на урбано планирање, транспорт, отпад и енергија во општината и активно вклучување на локалните власти во преземање активности за намалување на емисиите на стакленички гасови. Особено за регионите со јаглен како Кичево и Битола со највисоки емисии е важна улогата на планирањето и спроведувањето на планови и мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови, додава Николовска.

Еко-свест во моментот работат на проект за Праведна транзиција поддржан од CEE Bankwatch Network и SIDA.

Слични содржини