Орбан бара оставка од потпретседателката на ЕК поради „понижувачки изјави“ за Унгарија

од Stefanija Kuzmanovska

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска повика на оставка на потпретседателката на Европската комисија, Вера Јурова, поради „понижувачки изјави“ за Унгарија, пренесе „Индекс.хр“.

„Според потпретседателката на Комисијата, во Унгарија е создадена „болна демократија“ и дополнително ги навреди граѓаните на ЕУ од Унгарија кога рече дека не се во позиција да формираат независно мислење“, рече Орбан во писмото до претседателот на Комисијата Урсула фон дер Лејен.

Во него, тој нагласува дека изјавите на Јурова се „навредливи за Унгарија и Унгарците“.

Орбан рече дека Унгарија е подготвена да ги „прекине политичките односи“ со европскиата комесарка

„Овие тврдења не се само напад врз демократски избраната унгарска влада, туку се навредливи за Унгарија и Унгарците“, напиша премиерот. Тој додаде дека изјавите на Јурова го кршат Лисабонскиот договор, според кој треба да биде неутрална и објективна.

Орбан рече дека Унгарија е подготвена да ги „прекине политичките односи“ со европската комесарка, изјави денеска за МТИ неговиот портпарол Берталан Хаваси.

Портпаролот на Орбан: Изјавите на потпретседателката не се во согласност со нејзината позиција

„Оние кои го кршат договорот не се способни да дејствуваат како заштитници на владеењето на правото и европските вредности. Изјавите на потпретседателката не се во согласност со нејзината позиција и таа треба да поднесе оставка. Додека тоа не се случи, унгарската влада ќе ги прекине билатералните политички врски со Вера Јурова“, рече тој.

 

Слични содржини