Орбан го поддржа Додик: „Господ да ги благослови сите Срби на целиот Балкан“

од Nikola Popovski

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го поддржа Милорад Додик во трката за претседател на Република Српска на претстојните избори на 2 октомври.

Во краткото видео обраќање, Орбан ја нарече Република Српска „почесен сосед“ на Унгарија, додавајќи дека „отсекогаш го познавал Додик и сака да продолжи да соработува со него.

– Се надевам дека по изборите ќе имам можност да го сторам тоа. Господ да ги благослови сите Срби на целиот Балкан, рече Орбан.

Тој рече и дека претстојат важни избори во РС, дека добро го познава Додик, кој, како што истакна, е добар пријател на Унгарија и на унгарскиот народ.

Тој додаде дека во Додик се сретнал со човек „кој е подготвен да го зачува мирот, кој е отворен за дијалог, кој се залага за почитување на Дејтонскиот договор, кој секогаш и во сите околности ги штити интересите на српскиот народ“.

– Унгарија и Србија се соседи, но Унгарија ја смета и Република Српска за свој почесен сосед. Затоа за нас е многу важно ова што се случува во вашата земја, рече унгарскиот премиер, кој во своето обраќање не ја спомена Босна и Херцеговина, од која РС е еден од двата ентитета.

На изборите на 2 октомври Додик е кандидат за претседател на РС, а негов главен ривал е кандидатката на опозицијата Јелена Тривиќ од Партијата за демократски напредок (ПДП).

Слични содржини