Орбан на масовен собир во Будимпешта ги обвини САД и Сорос дека сакаат да го соборат

од Nikola Popovski

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кого следната година го чека тесна изборна трка, ги обвини Брисел и Вашингтон дека се обидуваат да се мешаат во унгарската политика и ги повика своите поддржувачи да ги бранат достигнувањата на неговата националистичка влада во текот на деценијата на власт.

Орбан пред десетици илјади поддржувачи во центарот на Будимпешта изјави дека Вашингтон и милијардерот Џорџ Сорос, користејќи ги нивните пари, медиуми и мрежи, се обидуваат да ја придобијат унгарската левичарска опозиција.

„Но, не е важно што сакаат во Брисел, Вашингтон и медиумите кои се диригирани од странство. Унгарците сами ќе одлучуваат за својата судбина“, изјави Орбан.

Ројтерс наведува дека десетици илјади луѓе се собрале во главниот град на Унгарија, по повод одбележувањето на антисоветското востание од 1956 година и дека ќе го поддржат националистичкиот премиер Виктор Орбан, кој на изборите следната година ќе се бори против здружената опозиција.

За прв пат од доаѓањето на власт во 2010 година, Орбан (58) се соочува со обединет опозициски фронт – од социјалисти и либерали, до поранешната крајна десница, а денес централно -десничарската партија Јобик.

На изборите во 2022 година опозицијата ќе ја предводи конзервативецот Петер Марки-Зај (49), градоначалникот на Вашаршељ и татко на седум деца, кои според британската агенција ќе бидат тежок предизвик за Орбан.

Марки-Зај за прв пат како опозициски кандидат за премиер ќе им се обрати на симпатизерите на политички митинг вечерва во главниот град на Унгарија.

Слични содржини