Орбан напуштен од долгогодишна советничка: „Неговиот нацистички говор достоен за Гебелс“

од Nikola Popovski

Долгогодишната советничка на Виктор Орбан поднесе оставка во знак на протест поради „чистиот нацистички говор“ што го одржа унгарскиот премиер и кој беше „достоен за Гебелс“, пренесува Гардијан.

Жужа Хегедус, една од советничките со најдолг стаж на Орбан, го познава премиерот од 2002 година и ги опиша нејзините односи со него како пријателски. Меѓутоа, во нејзиното писмо со оставка – кое во вторникот го објави унгарскиот портал hvg.hu – таа рече дека во последниве години ѝ станува сè понепријатно поради „нелибералниот пресврт“ на Орбан.

Антимигрантската реторика е клучен дел од политичката платформа на Орбан од 2015 година и тој често користи екстремно десничарски јазик, но неговиот говор во саботата – во кој тој се осуди против „мешањето на расите“ – беше екстремен дури и според неговите стандарди.

Орбан во говорот рече дека мешањето меѓу Европејците е прифатливо, но дека мешањето на Европејците со неевропејците создало луѓе од „мешана раса“.

„Подготвени сме да се мешаме едни со други, но не сакаме да станеме нации од мешани раси“, рече Орбан. Тој додаде дека земјите каде што тоа се смета за прифатливо „веќе не се нации“.

Хегедус појасни дека долго време го бранела премиерот од обвинувањата за антисемитизам, но смета дека неговиот последен говор е неодбранлив.

Искрено жалам што таквиот срамен став ме принуди да ја прекинам нашата врска“, напиша таа.

Кабинетот на Орбан објави дека ја прифатил нејзината оставка, но тие го негираат тврдењето дека премиерот е расист.

„Не можете да бидете сериозни кога ме обвинувате за расизам по 20 години заедничка работа. Знаете подобро од кој било дека мојата влада во Унгарија следи политика на нулта толеранција и кон антисемитизмот и кон расизмот“, напиша тој.

 

Слични содржини