Европската унија „сама си пукаше во белите дробови“ со непромислени економски санкции против Русија поради нападот врз Украина, кои, доколку не се повлечат, ризикуваат да ја уништат европската економија, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.

– Отпрвин мислев дека само си пукавме во нога, но сега е јасно дека европската економија си пукаше во белите дробови и се бори за воздух – изјави Орбан, критичар на санкциите, во интервју за унгарското државно радио, пренесува „Ројтерс“.

Според него, на Украина ѝ е потребна помош, но европските лидери треба да ја преиспитаат својата стратегија, бидејќи санкциите ѝ нанесоа голема штета на европската економија, а притоа не ја ослабнаа Русија или не ја приближија повеќемесечната војна до какво било решение.

– Санкциите не ѝ помагаат на Украина, а се лоши за европската економија и ако продолжат вака ќе ја убијат европската економија. Она што го гледаме во моментов е неподносливо. Во Брисел мора да дојде моментот на вистината, кога лидерите ќе признаат дека згрешиле, дека политиката на санкции се заснова на погрешни претпоставки и дека таа мора да се смени – додаде Орбан.

Снабдувањето со гас во Европа се влоши, а цените на горивото се зголемија по руската инвазија на Украина во февруари и воведувањето на санкциите, оставајќи ги земјите од ЕУ да се обидуваат да го надополнат складирањето и да ги диверзифицираат каналите за снабдување. Зголемените цени на гасот и електричната енергија го принудија Орбан во средата да ги намали повеќегодишните ценовни ограничувања на комуналните претпријатија за домаќинствата со поголема потрошувачка.

Унгарскиот премиер, кој беше реизбран во април, рече дека без мерката, која ќе предизвика скок на цените на енергијата за домаќинствата кои користат енергија над националниот просек, ќе мора да се укине целиот режим на ограничување на цените на комуналните услуги.

Слични содржини