ОРМ: Работодавачите незадоволни од ребалансот на буџетот

од Берта Китинска

Работодавачите со низа забелешки во однос на ребалансот на буџетот.Не очекуваат значително олеснување на економската ситуација, туку напротив, дополнително финансиско оптоварување.

“Ребалансот на буџетот на една држава во која не е направена никаква суштинска економска промена, туку префрлање на средствата насочени за една цел, во друга, или задолжување на државата за субвенционирање на одредени непредвидени трошоци на државата може да вродат исклучиво со дополнителнофинансиско оптеретување’’, изјави за Локално, претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајкоска.

Како неприфатлив чекор го посочува фактот дека повторно се кратат предвидените средства за капитални инвесиции и тоа за значителни 6 милјарди денари, за сметка, како што вели на покривање на трошоците за повисоки плати за администрацијата и повисоки пензии.

Трајкоска предупредува дека буџетот се зголемува перманентно, инфраструктурно одиме во надолна линија, администрацијата наместо да се намалува како бројка оди во нагорна линија, а јавниот долг е повеќе од половина од БДП. Единственото можно решение, според неа е кратење на целокупната јавна потрошувачка и стимулирање на инвестициите.

“Ги споменувам инвестициите бидејќи низ вековите е докажано дека инвестирањето во време на криза секојпат подоцна дава позитивни резултати. Ние треба да инвестираме во енергетски системи, инфраструктура која пак на стопанството ќе му даде простор за поедноставно функционирање’’, вели Трајкоска.

Ова, посочуваат работодавачите ќе вроди со поголема продуктивна моќ на стопанскиот сектор која ќе ги зголеми приносите во државната каса. Тврдат дека синџирот на буџетско зголемување на проходите е многу поефикасен доколку сите чинители се вклучени и допринесуваат за негово полнење.

“Приватниот сектор не бара финансиски стимулации од државата како „готов производ“, ние се стремиме да имаме сигурни пазарни услови за функционирање, едуциран и обучен работен кадар и институции кои ќе бидат во служба на стопанството, инфраструктурна поврзаност со земјите од ЕУ и што поскоро решавање на нашата политичка состојба со соседите за да можеме да ги приграбиме бенефициите кои ги нуди европскиот систем, констатира Трајкоска.

К.С.В.

Слични содржини