Оштетени штедачи: Единствен кој проговори за невладеењето на правото и правдата во земјата беше и остана претседателот Пендаровски

од Vladimir Zorba

„На годишното обраќање во Собранието, претседателот Стево Пендаровски јавно ѝ порача на власта да спроведе прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но прво кај нив самите односно политичарите. И за секого за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер треба веднаш да следува не оставка, туку кривична постапка. Не така одамна, претседателот Пендаровски истакна дека во нашата земја нема правда и дека законот за некого важи, а за некого воопшто не важи. И дека правилата важат за едни, а не важат за други. Претседателот само го потврди тоа што во Македонија го гледаме секој ден“, соопштија од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.

„Селективноста во правдата и невладеењето на правото не донесе во оваа тешка состојба во која денес живееме. На големо беснее организираниот криминал и високата корупција, секојдневно се разградува државата во сите правци, нема здраво ткиво коешто остана целосно.

Што може да каже Европската унија ако веќе утре започнеме со преговори? За жал, тоа е невозможно да се случи, но под претпоставка еве да се случи, први на листата се поглавјата 23 и 24, а тоа се правосудството и владеење на правото. И тука веднаш ќе ја видат Павлина Црвенковска како претседател на Судскиот совет. Самиот факт дека таква личност има во Судскиот совет, а уште повеќе што е претседател, е доволна причина да не започнат преговорите и истите да се одложат се додека таа не биде сменета. Бидејќи Европската унија не сака да има во своите земји членки личности кои водат високи органи во судската власт, а кои немаат морален и професионален кредибилитет, ниту интегритет. Личности кои во својата позадина доаѓаат од семејства чии членови покрале значителен дел од народот. Уште повеќе фрапантна е реалноста што власта и надлежните институции молчат, го толерираат и не реагираат за сторениот организиран криминал и особено високата корупција во земјата.

Секојдневно станува се потешко за живеење. Во Македонија владее несигурност, има неправда, неказнивост. Што ќе помисли човек кога власта и институциите молчат и го толерираат најголемиот грабеж во годината кога започна пандемијата, масовната повеќегодишна кражба на речиси 60 милиони евра депозити од Еуростандард банка!? Многу поголем скандал од сите минати познати и непознати проневери и кражби сторени во земјата во изминатите неколку години. И кој учествувал во овој мега грабеж? Меѓу првите истакнати измамници и манипуланти е и сопругот на Павлина Црвенковска, штотуку избрана претседателка на Судскиот совет. Но, ниту на Црвенковска ниту на власта, а уште помалку на оние кои ја поставиле на таа позиција, не им пречат проневерите, манипулациите и кражбата на нашите депозити од нејзиниот сопруг Зоран Црвенковски. Бидејќи, во спротивно, за Павлина Црвенковска немаше ни да се помисли да стане член на Судскиот совет, а уште помалку претседател. Во нашата земја, по се изгледа, владеат некои други искривени вредности кои немаат допирна точка со правото и правдата, чесноста, отчетноста и моралот.

Уште колку долго ќе ги слушаме приказните од вицепремиерот Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ дека нашата земја успешно се справува со криминалот и корупцијата? Нивните прес конференции исполнети со фалби и успеси за постигнатото, коешто никој не може да го види, треба да ги заменат со работа на терен којашто може да се види. Еве, за почеток, може да се позанимаваат со украдените 1.600.000 евра од Зоран Црвенковски, за што Павлина Црвенковска упорно се бори да по секоја цена остане на претседателската позиција на Судскиот совет. За споредба, тоа се околу 300 годишни просечни плати, што е огромна сума покрадени пари од 3.000 ограбени семејства, нивни сограѓани.

Единствен кој проговори за невладеењето на правото и правдата во земјата беше и остана претседателот Стево Пендаровски. Следните, многу построги од него, ќе бидат оние претставници од Европската унија, кога ќе ни соопштат дека со личности како Павлина Црвенковска не заслужуваме да бидеме ниту во чекалницата за влез во ова семејство. По се изгледа, некој од внатре сака да и понатаму останеме да чекаме, а се повеќе наши сограѓани, особено млади луѓе, да ја напуштат државата засекогаш. Министри и институции, разбудете се додека е време! Павлина Црвенковска не може и не смее да биде претседател на Судскиот совет“, истакнуваат оттаму.

Слични содржини